ОФФест повторно со извонредна програма

Фрагмент од постерот на ОФФЕСТ 2025, Дизајн на Зоран Кардула
Фрагмент од постерот на ОФФЕСТ 2025, Дизајн на Зоран Кардула

На дваесет и четвртиот ОФФест ќе се претстават врвни артисти од 8 земји од светот во веројатно најсилната програма во последниве години.

Ѕвездата на фестивалот несомнено е грандиозната пејачка MARIA JOÃO. По Лисабон, ОФФест е првата европска концертна премиера на нејзиниот волшебен нов проект – Аbundância.

MARIA JOÃO

Покрај João во програмата се присутни уште неколку големи звезди на таканаречената музика на светот, како Canzoniere Grecanico Salentino, Kimmo Pohjonen, Vieux Farka Touré, па и нашиот Драган Даутовски.

Драган и Ратко Даутовски

Листата на музичари на ОФФест носи и неверојатно широка и богата лепеза на жанрови и емоции, вистинско богатство на музичката разноликост. Годинашната селекцијата ќе ја збогати и онака раскошната историја на ОФФест. 

Фестивалот ќе го отворат ДРАГАН и РАТКО ДАУТОВСКИ а по нив ќе настапат CANZONIERE GRECANICO SALENTINO – најдолговечниот и водечки фолк ансамбл во Италија кој годинава слави 50 години активно музицирање и бројни спектакуларни настапи.

 Canzoniere Grecanico Salentino

Во втората вечер на ОФФест доаѓа експлозивниот KIMMO POHJONEN, финскиот феномен на хармониката.

По него следува цветното музичко патешествие на фасцинантната Марија Жоао, која 40 години шири магична енергија, освојува со својот шарм и плени со чудесниот глас.

ОФФест повторно има возбудлива африканска вечер. Ако минатото издание се отвори со жестокиот Bombino, фестивалот годинава го крева влогот. Во Скопје доаѓа гитаристот VIEUX FARKA TOURÉ, „сахарскиот Хендрикс“, синот на колосалниот Али Фарка Туре и една од најголемите африкански ѕвезди денес. Африканска вечер ќе продолжи со FLORENCE ADOONI, најистакнатото ново име од Гана.

Vieux Farka Touré

Последната вечер ќе уживаме во прекрасниоит глас на словачката пејачка JÚLIA KOZÁKOVÁ а фестивалот ќе го затворат два извонредни гитарски бендови, MORDÁI од Унгарија и кормиларите на свежата македонска алтернативна сцена – ЛУФТАНЗА.

Следејќи ја убавата традиција, во прудружната програма на ОФФест ќе биде прикажан и култниот бразилски документарниот филм „Saravah“.

Фестивалот ќе се одржи во Националната опера и балет и во МКЦ.
Сите детали за OФФест ќе ги најдете на веб-страната www.offest.com.mk
Билетите денес се пуштени во продажба и достапни на mktickets.mk

                   

Зачлени се на нашиот е-билтен