• Иван Димовски

Кристијано Роналдо наводно размислува да купи клуб и тоа не било кој, туку паднатиот шпански гигант Валенсија. Клубот чиј дел е и македонскиот репрезентативен голман Столе Димитриевски има проблеми во последно време, а Португалецот размислува за купување на мнозинство акции.
Според шпанските медиуми, Роналдо покажал интерес да го преземе раководството со Валенсија. Оваа информација ги радува навивачите кои долго време се гласни критичари на сегашниот сопственик Питер Лим, па шпекулациите кои го поврзуваат еден од најславните фудбалери со нивниот клуб ги прифатија одлично.
Некои извори велат дека Кристијано Роналдо во овој подвиг не би влегол сам, туку би бил поддржан од саудискиот принц Моханед Бин Салман (сопственик на Њукасл Јунајтед).
Сепак, медиумите пишуваат за еден круцијален услов. Имено, Роналдо би тргнал во преговори за откуп на Валенсија само ако клубот успее да опстане во Примера оваа сезона.