Еден од донаторите на проектот, историчарот и театарски фотограф Мајк Хјум, открил порака во шише скриено речиси 120 години – закопано во срцето на театарот.
Хјум (48), кој успеал да ги обиколи скриените делови на театарот, стоел на скеле на 12 метри над сцената кога љубопитноста го навела да ѕирне зад украсната гипсена круна на лакот. Она што го пронашол е, како што вели, „како сцена од Индијана Џонс“. Зад гипсот почувствувал цврст предмет – стаклено шише чие капаче било затворено со гипс. Внатре во шишето имало завиткано парче хартија, речиси недопрено од забот на времето.
„Беше малку влажно, наоколу се распаѓаше стар малтер, а потоа почувствував нешто тешко. Кога го извадив шишето, сфатив дека имам нешто посебно“, изјави Хјум за Би-Би-Си. Поради затвореното капаче, не беше можно да се отвори шишето без да се ризикува оштетување. Хјум сепак успеал да ја сними внатрешноста со својата камера и го видел името „W. S. Cruikshank“.
Се испостави дека тоа е Вилијам Стјуарт Круикшанк, изведувачот кој го изградил Кралскиот театар во 1906 година. Експертите сега веруваат дека токму тогаш, за време на изградбата, пораката била вметната зад декоративниот елемент.
Фиона Гибсон, главен извршен директор на Капитал театри, кој управува со театарот, истакна дека ова повеќегодишно реновирање не е само реновирање, туку „трансформација што еднаш во животот се случува за едно од најважните културни места во Единбург“.
Шишето било испратено во шкотското конзерваторско студио, каде експертите внимателно го отвориле стаклениот сад. Три месеци подоцна, техничарката за стакло Лора Клер успеала да ја отстрани пораката без оштетување. Специјални хемикалии и техники биле користени за одвојување на листовите хартија, по што содржината на пораката конечно станала видлива.
Пораката, од октомври 1906 година, содржела список со имињата на сите клучни учесници во изградбата на театарот. На врвот на листата се најде самиот Круикшанк, а по него се архитектите Џон Даниел Свонстон и Џејмс Дејвидсон од Киркалди и Џон Тулох од Лондон.
Имало и име на цртачот Џон Александар Камерон, мајсторот за гипс Џорџ Кинг и неговиот син, чирак Џорџ Кинг Џуниор, надзорникот Вилијам Бег и градителите Џон Хачинсон, Ендрју С. Ло и Вилијам Хантер.
„Ова е вид на откритие за кое сонувате кога работите на проект од оваа големина“, рече Хјум во изјава за Capital Theatres. „Неверојатно е да се мисли дека оваа временска капсула е скриена речиси 120 години, тивко сведочи за сите познати имиња и членови на заедницата кои настапувале на оваа сцена.“
Фиона Гибсон додава: „Откривањето на пораката од 1906 година, годината кога театарот првпат ги отвори вратите, совршено се вклопува во овој момент додека го подготвуваме театарот за неговото ново поглавје“.
Интересно е што семејството на архитектот Џон Д. Свонстон, исто така, донирале некои од неговите лични работи на театарот, вклучувајќи комплет за алатки, каталог со фотографии од гипсени калапи користени во изградбата на театарот и фотографија од него во воена униформа од Првата светска војна.
Сите овие предмети, вклучувајќи го и пронајденото писмо, ќе бидат изложени во посебна просторија како дел од новата изложба на театарот кога ќе биде повторно отворен во пролетта 2026 година.
„Знаевме дека имаме нешто навистина посебно кога го најдовме шишето“, рече Аби Пендлбери, проект менаџер за зачувување на наследството во Капитал театри. „Важноста на оваа порака лежи во фактот што на списокот не се само архитекти и менаџери, туку и занаетчии и работници кои со свои раце го создале овој театар. Нивната гордост и чувство на припадност се чувствуваат со секој збор.“
Театарот во својата реновирана верзија ќе зборува не само за иднината на сценските уметности, туку и за богатата историја и луѓето кои го изградиле пред повеќе од еден век.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата