Јавна седница на ССМ пред законодавниот дом, ќе се бара минимална плата од 500 евра и пораст на останатите плати

Сојузот на синдикати на Македонија денеска пред законодавниот дом ќе одржи јавна седница на највисоките тела на Синдикатот по што ќе се упати кон Стопанската комора на Македонија и кон Владата. Со ваквиот чекор, синдикатот ќе изрази незадоволство од одлуката минималната плата да се зголеми 1.800 денари без таа да помине на Економско-социјалниот совет што, според синдикатот, е незаконско.

За време на протестот, којшто почнува во 12:05 часот пред Парламентот, во овој дел од градот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим. 

Пред Парламентот, синдикатот ќе порача дека не може да има подобрување на платите за пратениците без подобрување на платите за работниците, а пораката што ќе биде упатена пред Стопанската комора е дека поддршката на работниците е од суштинско значење за стабилноста на економијата. Завршниот дел од протестот ќе биде пред Владата, каде синдикатот ќе побара работниците да бидат вклучени во одлуките за нивните плати.