• Горан Упале

Екипата на Шкендија во Кавадарци ќе го продолжи походот кон враќање на титулата во Првата македонска фудбалска лига. Тетовчани се свесни дека натпреварот против Тиквеш нема да им биде лесен, но напаѓачот Фабрис Тамба верува дека црвено-црниот тим ќе го запише посакуваниот резултат.
„За време на паузата одработивме многу добри подготовки, тимот работеше напорно и мислам дека сега сме подготвени за секој предизвик. Подготвени сме да играме против сите тимови во лигата. Тиквеш се бори да остане во ПМФЛ и ние се бориме за титулата. Затоа мислам дека ова ќе биде голем предизвик за нас. Последниот пат видовме дека не ни беше лесно со Тиквеш, но тогаш извојувавме победа. Се надевам така ќе биде и сега“, рече Тамба.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Шкендија, како и останатите денешни натпревари во ПМФЛ, започнуваат од 15:00 часот.