Финансии / Банкарство
БОНУСИТЕ НА БАНКАРИТЕ ВО САД СЕ ЗГОЛЕМИЈА ЗА 30 ОТСТО
26.03.2025
Бонусите на банкарите од Волстрит ќе пораснат за повеќе од 30 отсто во 2024 година. Сепак, овој тренд може да забави поради економската несигурност, предупредуваат финансиските експерти во САД.
Финансиската индустрија имаше рекордна година, при што вредноста на фондот за бонуси за вработените во секторот за хартии од вредност во Њујорк достигна 47,5 милијарди долари, што е највисоко ниво од 1987 година, пренесува Ројтерс.
Инвестициските банки остварија раст на приходите, пред се поради зголемениот број на корпоративни спојувања, аквизиции и емисии на долгови. Вкупниот профит на банките се зголеми за 90 отсто во 2024 година, што овозможи значително зголемување на бонусите за финансиските работници.
Бројот на вработени во секторот за хартии од вредност во Њујорк го достигна највисокото ниво во последните три децении, со 201.500 работници во 2024 година во споредба со 198.400 една година порано. Сепак, забавувањето на финансискиот бизнис во првиот квартал од 2025 година укажува на можни проблеми.
Зголемувањето на бонусите носи и повисоки даночни приходи; се проценува дека државата Њујорк ќе добие дополнителни 600 милиони долари, додека Њујорк ќе добие 275 милиони долари повеќе приходи отколку во 2023, пренесува Бизнис.рс.
фото freepic