Неговата партија соопшти дека бил превезен со хеликоптер откако почувствувал силна болка за време на собир во сојузната држава Рио Гранде до Норте. Според неговиот лекар, ако се утврди дека има опструкција на цревата, ќе биде префрлен во Сао Пауло, каде што претходно бил третиран по нападот со нож во 2018 година, објави Си-Ен-Ен.
Болсонаро, поранешен воен капетан и претседател од 2019 до 2022 година, води кампања низ Бразил за Конгресот да усвои предлог-закон за амнестија на неговите поддржувачи кои го нападнаа главниот град Бразилија по изборниот пораз во 2022 година. Врховниот суд на Бразил минатиот месец одлучи дека тој треба да се соочи со судење поради наводна завера за соборување на владата по изборниот пораз.
Болсонаро ги негира сите обвинувања и тврди дека судењето е пример за напад на левицата врз конзервативните лидери, како што се тој и Французинката Марин Ле Пен.
На Болсонаро веќе му е забрането да се кандидира за јавна функција до 2030 година поради дискредитирање на изборниот систем. Доколку Врховниот суд го прогласи за виновен, тој би можел да добие долга затворска казна.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата