Приватна волонтерска група наречена Guerreros Buscadores, која трага по исчезнати луѓе во Халиско, откриле таен импровизиран крематориум на ранчот Изагуир во Теучитлан, на околу 140 километри од Пуерто Ваљарта.
„Го најдовме местото бидејќи добивме неколку анонимни повици“, изјави за AFP Индира Наваро, член на групата за пребарување.
Тие ја започнале својата потрага по неколку анонимни повици во кои се споменуваат сомнителни околности на ранчот. Ги дочекала глетка која не ја очекувале - стотици изгорени коски во гробници, опкружени со чаури.
Полицијата верува дека ранчот бил „центар за обука“ што го користел картелот Халиско Нова генерација. Во истрагата е вклучена и Националната гарда, која ги испитува личните предмети што ги оставиле жртвите.
„Ова е многу сериозен проблем, неверојатно е што оваа ситуација не им беше позната на локалните власти“, изјави мексиканскиот јавен обвинител Алехандро Герц.
На ранчот биле пронајдени куфери, накит, парчиња облека и 400 пара чевли, за кои се верува дека им припаѓаат на жртвите кои биле киднапирани и убиени.
Тие оставиле и проштални писма за своите најблиски.
„Љубов моја, ако еден ден не се вратам, сети се колку те сакам и кажи: „Гневот и љубомората ми исчезнаа“, е едно од рачно напишаните проштални писма откриени во текот на истрагата.
Пронајдена е и Библија со слики од три деца скриена внатре. Истражителите веруваат дека тие им припаѓале на нивните родители, па би можеле да бидат знак на надеж и одговори за нивното семејство.
„Мајката или таткото ги носеа, фотографиите беа заглавени на страниците на Библијата“, велат истражителите.
Полицијата соопшти дека пронашле тетратка со прекари на 54 жртви. Пописот бил групиран на тој начин што биле евидентирани десет лица истовремено, но идентитетот на жртвите се уште не е потврден. Халиско е мексиканската држава со најголем број исчезнати луѓе, речиси 15.000, пишува The Sun.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата