• Горан Упале

Екипата на Шкендија продолжува со позитивните игра во домашниот шампионат и сигурно чекори кон враќање на титулата во Тетово. Во денешното 27. коло во ПМФЛ, тетовските црвено-црни немаа проблеми против Воска Спорт и на својот стадион, кој одново беше празен, извојуваа сигурна победа од 4-0 (2-0).
Стартот на натпреварот изненадувачки донесе големо возбудување пред домашниот гол. Гостите од Охрид развија фантастична контра и по неколку брзи и прецизни додавања, топката дојде до Виноградац, кој го совлада Амзаи, но Мерџани стартуваше пожртвувано и спаси од самата гол-линија.
Следуваше период на отворена игра на двете страни, а Воска беше таа која што одново се закани. Во 20. минута Виноградац му побегна на Мелиќи, кој од немоќ го фаулираше, а иако гостите бараа исклучување поради фактот што Мелиќи беше последен играч во одбраната, но главниот судија Ралевски покажа жолт картон. Слободниот удар го изведе Клинтон Осеи, но биеше само над голот на тетовчани.
Откако гостите не ги искористија своите шанси, стигна казната и Шкендија од својата прва посериозна акција поведе со 0-1. Се играше 32. минута кога Латифи одлично проби по левата страна и го проигра Адеми, кому не му беше лесно од само неколку метри да ја смести топката во празната мрежа на противникот. Само неколку минути подоцна следуваше нов шок за охриѓани и сигурна предност на Шкендија од 2-0. Брзиот Тамба доби прецизна топка во длабочина, ја наттрча гостинската одбрана и со прецизен удар ја смести топкатана посакуваното место.
Само што започна вториот дел фаворит му зададе уште еден удар на Воска и со тоа стави крај на сите прашања околу победникот на натпреварот. На 3-0 зголеми капитенот Бесарт Ибраими со прецизен удар со глава во 51. минута. Победата на тетовчани можеше да биде уште поубедлива, доколку Тамба ги реализираше зицерите во 60. и 82. минута и Јакупи во самата завршница. Сепак, во судиското надополнување токму Јакупи се најде на вистинско место и со сигурна реализација ги постави конечните 4-0.
Во следното коло, кое на програмата е за шест дена, Шкендија ќе влезе од лидерската позиција со 59 бода, четири повеќе од Силекс и дури десет од Работнички. Воска, пак, одново е „фенерџија“ со само 22 освоени бода.