Лоша и непромислена е одлуката да не работи Собранието и да се избегнат пратеничките прашања, изјави за ЦивилМедиа претседателот на СДА Македонија, Џелал Хоџиќ, коментирајќи ја одлуката на парламентот да не работи во денови критични за расветлување на трагедијата во Кочани, каде што животот го загубија 59 лица, а повредени се повеќе од 150.
„Зовриената атмосфера после трагедијата во Кочани не е аргумент со кој се одложува работата на Собранието. Напротив, со еден професионален, достоинствен и транспарентен пристап на пратениците, требаше и Собранието на јавноста да ѝ покаже дека се преземаат сите неопходни чекори за расветлување на причините на трагедијата во Кочани и дека се прават напори за вакви трагедии во иднина да не ни се случуваат“, вели Хоџиќ во разговорот за ЦивилМедиа.
Тој смета дека со неактивноста на парламентот нема да се подобри атмосферата во општеството и дека нема посоодветно место да се побараат одговори на клучните прашања поврзани со несреќата.
„Во периодот кој Собранието нема да работи, нема да се подобри атмосферата во општеството. Ниту од некое друго место општеството ќе добие одговори на прашањата: Зошто ни се случуваат вакви трагедии, како оваа во Кочани? Нема на друго место да се отворат и затворат прашањата и за моралната одговорност на носителите на функции. Нема на друго место да се отворат прашањата кои закони треба да се менуваат, а какви комплетно нови закони треба да се усвојат, за институциите да имаат функционални и ефикасни механизми за превенција од вакви трагедии. Нема посоодветно место да добиеме вистински прашања и одговори кои институции и зошто потфрлија и пред и после трагедијата во Кочани“, истакна Хоџиќ во разговорот за ЦивилМедиа.
Претседателот на СДА ја нагласи функцијата на парламентот за дебата меѓу политичките претставници и од владејачките и од опозициските партии. Според него, ова е лош сигнал што го испраќаат парламентарците до граѓаните.
„Собранието треба да е храм на демократијата и после трагедии, а пратениците, без разлика дали се од власта или од опозицијата, требаше на достоинствен начин во Собранието да ја префрлат дебатата која ја гледаме во јавноста. Со оваа лоша одлука за одложување на работата на Собранието, и така вознемирената јавност добива сигнал дека нивните претставници избегнуваат да се соочат со последиците од трагедијата, со кои сите ние ќе мораме да се соочиме и како граѓани, и како општество, но и како институции и како држава“, критикува Хоџиќ.
Тој смета дека токму парламентот е местото каде што овие дебати треба да се отворат и каде што вистинските одговори треба да им бидат понудени на граѓаните.
„Тоа е единствениот пат кој мора да се помине за да воопшто некогаш можеме да дојдеме во позиција да кажеме дека се нормализира состојбата“, заклучува Хоџиќ во разговорот за ЦивилМедиа.
Џ. Д.