Лизи Веласкез: Што е тоа што нѐ прави убави?

10.10.24 13:35
Лизи Веласкез: Што е тоа што нѐ прави убави?

Портрет на Лизи Веласкез од Фали А.Р.

Одложувајќи ги домашните задачи, Лизи пребарувала музика на јутјуб. Ништо не укажувало на тоа дека тој ден би можел да ѝ го промени животот.

Лизи имала 17 години кога наишла на видео насловено Најгрдата жена на светот. Не очекувала дека во видеото ќе се види себеси. Видео клипот во траење од осум секунди имал повеќе од четири милиони прегледи.

„Бев шокирана. Но, вистински потонав кога почнав да ги читам коментарите”, се сеќава таа.

„Зошто родителите воопшто ја задржале? Таа би требало да биде фрлена во оган. Секој што ќе ја види на улица ќе ослепи. Би требало да се убие”.

Имало илјадници слични коментари и Лизи ги прочитала сите.

„Плачев речиси секоја ноќ и мислев дека мојот живот е завршен. Не можев да разговарам со никого за тоа, не им кажав ништо на моите пријатели, едноставно бев шокирана дека се случило такво нешто”.

Лизи веќе била навикната секојдневно да биде малтретирана поради нејзиниот изглед. Родена е со две ретки состојби, Марфанов синдром и липодистрофија, што значи дека не може да добие на тежина, независно од тоа како се храни.

Кога тргнала во градинка другите деца се плашеле од неа. Во текот на растењето, доживеала многубројни медицински тестови и интервенции, од операции на очите и ушите до реконструкција на стапалото. На лекарите им требало долго време да ја одгатнат и да ја именуваат нејзината состојба.

Лизи тежи 27 килограми, понекогаш ѝ недостига енергија и потребно ѝ е подолго време да се избори со инфекциите.

„Кога бев тинејџерка, се гледав во огледало со желба да го избришам мојот синдром. Го мразев зашто ми предизвикуваше многу болка. Да се биде тринаесетгодишно девојче кое постојано е на мета е неподносливо”.

Кога се родила имала 1,2 килограми, а лекарите им рекле на родителите дека веројатно ќе мора да се грижат за неа до крајот на животот доколку преживее.

Таа порака останала всадена во Лизи, која и покрај тоа вели дека е среќна што може да ѝ прости на личноста која го објавила првото видео за неа.

„Којзнае низ што поминувала таа личност. Мојот живот има тешки периоди, некој можеби поминува низ уште потешки”, вели таа.

Лизи одлучила да направи промена. Покренала сопствен канал на јутјуб, решена да им покаже на луѓето која е личноста која стои зад најгрдата жена на светот и да ги поддржи другите да се чувствуваат добро во своја кожа. Постигна голем успех и денес има огромен број следбеници, а нејзините видео клипови ги гледаат милиони луѓе ширум светот.

Лизи изгради онлајн заедница, а луѓето кои дожививувале малтретирање постојано оставаат коментари дека им помогнала да побараат поддршка, да проговорат за тоа, да се спротивстават и да се залагаат за себе.

Нејзината приказна стана универзална, притоа не однесувајќи се само за нејзиниот живот, туку и на секое болно искуство и неговото надминување.

Во коавторство со својата мајка Рита Веласкез, Лизи објави автобиографија на англиски и шпански јазик, во која се вклучени писма што мајка ѝ ги пишувала кога била дете.

Авторка е на уште две книги за деца во кои го споделува сопственото искуство и дава совети за тоа што навистина нѐ прави убави, како да ја препознаеме својата посебност, зошто е подобро да ја избереме среќата отколку да се откажеме.

Документарниот филм насловен „Храбро срце: Приказната за Лизи Веласкез” (A Brave Heart: The Lizzie Velásquez Story) беше премиерно прикажан во 2015 година, а две години подоцна Лизи почнува да глуми во сопствената серија, насловена Unzipped. 

 Извор: https://www.bbc.com 

ОкоБоли главаВицФото