Автократијата е безбедна

28.03.2025 04:06
Автократијата е безбедна

Стотици илјади луѓе секој ден излегуваат на улиците на градовите низ Турција во знак на протест против неодамнешното апсење на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу. Протестите, кои започнаа на самиот ден на апсењето, на 19-ти март, во суштина се насочени против автократскиот режим на долгогодишниот претседател Реџеп Таип Ердоган и претставуваат најмасовен израз на народно незадоволство уште од милионските демонстрации во истанбулскиот парк Гези во 2013-тата година.

Сега веќе поранешниот градоначалник Имамоглу беше уапсен по две обвиненија: едно за предводење коруптивна мрежа одговорна за местење јавни тендери, и друго, потенцијално многу поопасно обвинение за помагање терористички активности. Според второто обвинение, Имамоглу беше обвинет за соработка со прокурдската Партија на народна еднаквост и демократија (ДЕМ) за време на локалните избори во 2024-тата година.

Турското државно обвинителство тврдеше дека на овој начин им овозможил пристап до градските институции на одреден број луѓе поврзани со илегалната Курдска работничка партија (ПКК), која во Турција се смета за терористичка организација. Нејасно е како ваквите потези на државниот апарат ќе се одразат на неодамна прогласеното примирје меѓу ПКК и Турција. Фактот дека судот на 23-ти март сепак го отфрли обвинението за тероризам може да се смета за мала победа за Имамоглу.

Имено, иако покренувањето на обвинението за корупција беше доволно за да се отстрани Имамоглу од функцијата градоначалник, без обвинението за поддршка на тероризам, владата на Ердоган нема да може да го замени со назначен државен комесар, што е честа практика во градовите на претежно курдскиот исток на земјата. Наместо тоа, новиот вршител на должноста градоначалник ќе го избере градското собрание на Истанбул, каде мнозинството го има токму Републиканската народна партија (ЦХП) на Имамоглу.

Секуларната ЦХП – партијата на Мустафа Кемал Ататурк – денес претставува најсилната легална опозиција на владејачката Партија на правда и развој (АКП). Локалните избори во 2024-тата година беа први во овој век на кои ЦХП освои мнозинство од гласовите на турските избирачи. Охрабрено од таквата победа, новото раководство на ЦХП предводено од Озгур Озел веднаш започна со подготовки за претстојните претседателски избори, кои треба да се одржат во 2028-та година.

Овој пат немаше премногу дилеми околу изборот на кандидат: партиската машинерија многу брзо ја препозна популарноста на Екрем Имамоглу и реши да ја поддржи неговата кандидатура. Токму во овој контекст треба да се гледа и сегашната кампања на државна репресија. Само еден ден пред апсењето на Имамоглу, на 18-ти март, Универзитетот во Истанбул му ја поништи дипломата поради наводни „нерегуларности“ при запишувањето на факултет во 1990-тата година.

Бидејќи турските закони предвидуваат дека претседателските кандидати мора да имаат високо образование, очигледно е дека и во овој случај станува збор за политички притисок. Но, државната репресија сепак најдобро се гледа на улиците на турските градови. Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, извести дека до 24-ти март биле уапсени 1.133 демонстранти, но бројката сигурно ќе продолжи да расте.

Повеќе од 50 лица беа уапсени и поради објави на социјалните мрежи, кои повторно служат како платформи за агитација и координација на протестите, поради што турската држава од нивните сопственици побара да ги цензурираат опозициските гласови. Илон Маск, сопственикот на Twitter/X, веднаш го исполни ова барање и суспендираше бројни профили на опозициски активисти. Слично, во суштина, постапуваше и претходните години.

Владата во Анкара се чувствува сигурна во газењето на демократските права на турските граѓани, бидејќи знае дека од странство никој нема да ѝ приговара. Турција денес игра сè поважна улога во војната во Украина, таа е главен спонзор на новите исламистички власти во Сирија и претставува брана за поголем прилив на азиски мигранти во Европа.

Сите овие се причини поради кои Европската унија нема никаков интерес за дестабилизација на владејачкиот режим и се ограничува на безопасни апели и изрази на „загриженост“. Се чини дека турската опозиција денес може да се потпре само на сопствените сили. По апсењето на Имамоглу, ЦХП организираше прелиминарни избори на кои неговата претседателска кандидатура ја поддржаа повеќе од 15 милиони граѓани, а за сабота во Истанбул е најавен голем протест.

Карикатури: Emanuele Del Rosso

Извор: https://www.portalnovosti.com/