Вечерва во 20 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ве очекуваат два настани, со кои ќе биде заокружено годинешното второ издание на фестивалот за литература и општа култура „Видик“.
„Часови без часовник“ не е обична книга, тоа е изблик од бои, облици, зборови и значења. Ова ретко библиофилско издание, во кое текстот е пронижан со интензивно обоени дигитални графики, станува повод за уникатно читателско уживање, со сите сетила. Во книжевна смисла тоа е поетско дело, составено од четиринаесет сонети од по четиринаесет стиха, вплетени во сонетен венец, стокмени според познатиот прешерновско-петраркистички модел. Книгата е во издание на „Арс Ламина“.
Учесници: Оливера Ќорвезироска, Анастасија Ѓурчинова, Биљана Стојановска
Во рамките на промоцијата, ќе може да се погледне и изложба на слики од Владимир Мартиновски, кои се најдоа во сонетниот венец.
Во продолжение ќе се одржи музичкиот настан „Џез, буки, веди“ на „Јани Костурски квартет“. Во составот настапуваат Јани Костурски, Филип Димишковски, Зоран Павловски и Павел Ренџов, а специјален гостин ќе биде Трајче Велков.
Квартетот на Јани Костурски ќе се претстави со проектот насловен „Џез, буки, веди“ во кој низ звуците на џез-стандардите ќе се проткајат текстови на македонски јазик. Ова ќе бидат нови лирички видувања на овие џез-теми, првпат изведени со македонски текстови.