Потребни се механизми кои би спречиле билатерални спорови да бидат пречка за остварување на колективна и заедничка цел

Македонија викендов е домаќин на состанокот на Постојниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, во кој членуваат шефовите и заменик-шефовите на националните парламентарни делегации.

На денешниот состанок учествуваат шефот на македонската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, Драган Ковачки и заменик-шефот Антонијо Милошоски, а обраќање имаше и премиерот Христијан Мицкоски, како и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

„Пред само неколку недели, нашата нација беше погодена од трагедија која остави длабоки рани во срцата на нашите граѓани. На 16 март, во пожар во ноќен клуб во Кочани, животите ги загубија 59 млади луѓе, а над 150 беа повредени. На огромна жал вчера животот го загуби и Александар Карадаковски. Лекарите се бореа до последниот момент да го спасат неговиот живот. Битката продолжува. Оваа несреќа не само што ни покажа колку е кревок животот, туку и ја истакна важноста на солидарноста и меѓусебната поддршка. Во тие тешки моменти, сведочевме на вистинска солидарност од нашите сојузници и партнери. Девет европски држави понудија помош на нашата земја веднаш по трагедијата во Кочани. Европската унија, пак, преку Механизмот за цивилна заштита, координираше медицински евакуации на повредените до специјализираните болници во регионот“, истакна Мицкоски во своето обраќање.

Тој посочи дека во изминатите пет години од нашето членство во НАТО, активно придонесувавме кон колективната безбедност и стабилност на Алијансата, а нашите вооружени сили учествуваа во НАТО мисиите во Косово и Авганистан.

„Ја зголемивме одбранбената потрошувачка со јасен план да постигнеме резултат кој што ќе биде поголем  од 2% од нашиот БДП, со што ја зајакнавме способноста да придонесеме кон колективната одбрана. Во духот на нашата заложба за целосна интеграција, спроведуваме темелни реформи во одбранбениот сектор.

Нашата татковина во многу наврати ја докажа својата солидарност со останатите држави во светот. И во својот трнлив пат до целта направи многу отстапки, многу одрекувања.

Од друга страна не секогаш го добиваме она што го очекуваме, и таквата лојалност спрема нашите заложби се исполнувала.

Тоа е чувството кое го има секој еден кон нас и секој еден граѓанин.

Мислам дека е важно да се знае ова, ниту пак треба да се сокрие ова горко чувство кај секој еден Македонец, каде и да се наоѓа во светот.

Пријатели си помагаат, но и пријатели искрено си ги кажуваат своите чувства и забелешки. Сметам дека треба да се размисли и за воведување на механизми каде нема да се дозволи билатерални спорови да бидат пречка за остварување на колективната и заедничка цел. Ако ние сите заедно ја чуваме куќата, тогаш и заедно имаме право да си ги кажеме нашите проблеми, разочарувања и очекувања“, посочи Мицкоски.