Во руски ракетен напад врз Криви Риг загинаа четири лица
- „Во тек е итна спасувачка операција. Избувна голем пожар“, додаде Вилкул на Телеграм.

Киев, 2 април 2025 (МИА) – Четири лица денеска загинаа кога руска балистичка ракета беше истрелана врз украинскиот град Криви Риг, во централниот дел на земјата, соопштија локалните власти.
Во нападот беа оштетени и станбени згради, изјави Олександар Вилкул, шеф на воената администрација на Криви Риг, родниот град на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
„Во тек е итна спасувачка операција. Избувна голем пожар“, додаде Вилкул на Телеграм.
Според регионалниот гувернер Сергиј Лисак, четири лица загинале, а три лица на возраст од 29 до 41 година се хоспитализирани.
Сликите објавени на украинските социјални мрежи покажаа големи облаци од црн чад што извираа од зградата и автомобили кои горат во близина.
Криви Риг, што се наоѓа на околу 80 километри од линијата на фронтот, е цел на редовни воздушни напади од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Пред почетокот на војната во градот живееле околу 600.000 лица.сд/
фото:МИА архива