Македонија
Мицкоски со пораки до младите: Нема подобар начин да го изразиме нашиот патриотизам од формирање семејство

Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на настанот во организација на УМС по повод 34 години од формирањето на унијата, упати пораки на обединување како на младите така и на сите граѓани од сите етнички заедници, затоа што тогаш сите сме посилни.
Мицкоски ова го истакна откако претходно посочи дека доаѓа од настан во Тетово, каде беше пуштен во употреба булевар и на кој настан присутни беа голем број на млади лица од сите етнички заедници, Македонци, Албанци, Турци, Роми.
„Мојата прва порака од овој настан е да бидеме сите како едно и кога сме како едно, тогаш никој ништо не може да ни направи. Кога сме раздвоени, кога сме поделени тогаш сме чесен плен за предаторите. Затоа е многу важно да бидеме сите ние како едно, а тоа посебно важи за младите луѓе“, рече Мицкоски.
Тој истакна дека исто така е важно, младите луѓе да бидат авангарда, каква што е Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова не е само роденден, 34 години Унија на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, туку ова претставува и една приказна која што се прераскажува од генерација на генерација, од Извршен комитет на Извршен комитет. Јас се надевам дека таа приказна ќе трае децении, а зошто да не и векови понатаму и ќе се прераскажуваат сите оние случувања кои што денеска се случуваат во една критичка, позитивна конотација. Убеден сум кога го гледам сето ова и тој потенцијал на млади луѓе овде, дека сето тоа ќе продолжи во таа насока“, истакна Мицкоски.
Понатаму Мицкоски рече дека кога зборува за приказната наречена УМС на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека на УМС денеска се потпира функционирањето на државата, затоа што голем е бројот на луѓе кои што денеска предводат големи општини кои го поминале својот пат во Унијата на млади сили, се градоначалници, претседавачи на Совети, се директори на јавни претпријатија, пратеници како и министри во Владата која што својата младост ја поминале како дел од унијата.
„И затоа, со еден збор кога ќе заокружам, можам да кажам дека денеска Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ја води Македонија, ги води процесите во Македонија. И јас сум убеден дека голем дел од вас и во иднина ќе продолжат тие процеси да ги водат, дали на локално ниво, дали во рамките на централното ниво. Јас сум пресреќен кога гледам вака мотивирани луѓе коишто се подготвени да го преземат тој предизвик и да се соочат со тие предизвици на дневно ниво и да ги решаваат“, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски до младите испрати уште една порака посочувајќи дека за секој еден млад човек убава е комоцијата во животот, секој еден млад човек сака да прошета, да излегува, да другарува, да стекнува нови пријателства, едноставно да ужива во младоста и тоа е во ред, но дека многу важна работа и вредност е и семејството.
„Во животот стекнуваме вредности и тие вредности понатаму ние ги пренесуваме на тие коишто нас не наследуваат, а една од тие важни вредности е и семејството. Денеска современиот патриотизам е и љубовта кон Македонија и сето она коешто е поврзано со Македонија е и иднината на Македонија како држава, но и иднината на еден од најмалку бројните народи во Европа, а тоа е македонскиот народ заедно со останатите граѓани кои што живеат денеска во Македонија, зависи токму од таа вредност, од тој столб наречен семејство. Тоа е многу важно, затоа што ако имаме многудетно семејство и доколку млади почнеме да формираме семејство, тогаш нема подобар начин да го изразиме нашиот патриотизам и љубовта кон сопствениот народ и сопствената држава“, посочи Мицкоски.
Тој додаде дека ова го кажува затоа што ние сме во една фаза на носење на закони, а дел веќе и се донесоа во основното и средното образование, каде што ја промовираме нашата единствена политика, а тоа е семејството како единствена вредност, како столб на државноста на Македонија, каде што ја напуштаме родовата политиката која ја водеше минатата влада.
„Тоа е она кое што е содржано во оние законски измени коишто ние ги имаме. Читанката, нема повеќе да биде јас, мама и тато, туку ќе биде јас, мама, тато, дада и бато. Тоа е многу важно, затоа што кога мене ќе ме прашаат кои се мерките кои вие ги носите во насока на подобра демографија, во насока на подобри и помногубројни семејства, тогаш мојот одговор е тука“, рече меѓу другото Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Хаос на улиците и нарушена безбедност, уште колку луѓе треба да загинат за Тошковски да понесе одговорност“, прашува СДСМ

„Последната криминална престрелка на Бит Пазар со смртни последици е уште еден доказ за сериозното нарушување на јавната безбедност и нефункционирањето на институциите под раководство на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски“, велат од СДСМ.
„Граѓаните на Скопје и цела Македонија се чувствуваат небезбедно на улиците, додека криминалот и насилството се шират на секој чекор.
Наместо ефикасна превенција и реакција, сведоци сме на институционален хаос и нефункционалност на Министерството за внатрешни работи.
Оваа неспособност загрозува човечки животи.
Уште колку луѓе треба да загинат по улиците за Тошковски да понесе одговорност?
Министерот Тошковски мора веднаш да преземе одговорност за загрозената безбедност.
СДСМ бара итна и транспарентна истрага за престрелката, целосно расветлување на настанот и изведување на виновниците пред лицето на правдата.
Дополнително, потребна е промена на безбедносниот систем и засилени мерки за зајакнување на јавната безбедност, особено во чувствителни области.
Граѓаните не заслужуваат да живеат во страв, граѓаните заслужуваат мирен и безбеден живот, а институциите мора да обезбедат сигурност“, соопшти СДСМ.
Македонија
Единствената работа што беше организирана во владеењето на СДС и ДУИ беше криминалот, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„А ако станува збор за организираност и наведувањата дека оваа Влада е неорганизирана, би констатирале само дека единствената работа во која што владата на СДС и ДУИ беше организирана беше криминалот, организираниот криминал, затоа и впрочем нема да се чепне или да се направи ревизија на работењето, а да не излезе од тоа некаква форма на организиран криминал правен од претходната влада во таа институција“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавата на Венко Филипче.
„Оттука, и логично е што на СДС ние им делуваме неорганизирано затоа што нивниот впечаток и критериум за организираност е исклучиво за организираност во некој криминал, тие не се навикнати на организирана работа на проекти, затворање дупки и реформи, затоа и ваква забуна се создава кај нив.
За нив најорганизиран и за пример е веројатно нивниот партнер ДУИ со кои градат специфичен однос на ниво на политички и коруптивен садомазохизам, што може да е нов правец во политичката култура во државата“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Градоначалникот Ѓорѓиевски со жителите на Црниче го одбележа празникот Балаклија

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше присутен на местото Балаклија во Црниче, каде заедно со жителите го прослави Источен Петок, значаен православен празник кој секоја година се одбележува на првата недела по Велигден. Тој истакна дека посебно му е драго што ова свето место, на кое се наоѓа изворот, беше ослободено од узурпација, вратено на жителите оплеменето со нови содржини кои овозможуваат вистинско уживање на сите кои го посетуваат, информира општина Кисела Вода.
Го истакна своето задоволство што следната година ќе ја има честа токму тој да биде кум на овој значаен настан.
– Нека е за многу години Источен Петок – Балаклија! Другата година кумството е мое, дар од Бога за што ми е огромна чест! Денес, заедно со мојот народ од Црниче го славиме овој голем празник кој спаѓа во Светлата Недела. Празник посветен на Пресвета Богородица на кој ѝ се оддава признание и се верува дека на овој ден му ги миела раните на Исус Христос, па затоа водите од изворите денеска се лековити и верниците масовно ги посетуваат за да ги измијат очите и лицето. Ова култно место во Црниче на кое има извор и кое до лани беше узурпирано, го ослободивме и го вративме на жителите, оплеменето со содржини за вистинско уживање и рекреација на сите кои го посетуваат. Горд сум на сплотеноста на мојот народ на ваквите денови, затоа Македонија е богата земја која меѓусебната љубов и почит ја одржувала низ вековите.
За многу години да ни е, здравје и бериќет кај сите-изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.