Бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар се искачи над 3.500 луѓе

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар пред десет дена се искачи на најмалку 3.515, а 210 лица сѐ уште се водат како исчезнати, покажуваат податоците што во понеделникот ги објави војската на Мјанмар.

Повеќето од жртвите се во и околу Мандалеј, вториот по големина град во Мјанмар. Таму загинаа повеќе од 2.100 луѓе.

Продолжувањето на работата на спасувачките служби го отежнуваат обилните дождови и ветрови кои ги оштетија шаторите и теренските болници на меѓународните тимови. Метеоролозите предупредуваат на можност од поплави и одрони поради претстојната врнежлива сезона.

Властите прогласија крај на операциите за пребарување и спасување и го пренасочија својот фокус на извлекување и расчистување на остатоците. Извештаите укажуваат дека мртовечниците се преполни и масовно кремирање се врши на отворено, јавува агенцијата dpa.

Во многу погодени области, реата од труповите се чувствува воздухот, што го отежнува престојот на хуманитарните работници и жителите. Поради многуте последователни земјотреси, дел од жителите се плашат да се вратат во своите домови, па спијат на отворено.

Покрај новите земјотреси, состојбата ја загрозува и честото губење на интернетот, што ја прекинува комуникацијата и воздушната координација.

Во делови од Мјанмар ситуацијата е катастрофална. Весникот Irrawaddy пишува дека повеќе од 80 отсто од инфраструктурата на Сагаинг Сити е уништена.

Хуманитарната ситуација останува тешка, пред сѐ, за ранливите групи во таа земја погодени од внатрешни конфликти.