Фестивалот на европската литература „BookStar" 2024 денес го објави визуелниот идентитет на јубилејното, десетто издание на Фестивалот, кој годинава ќе се одржи од 30 септември до 3 октомври на повеќе локации во Скопје. Фестивалскиот слоган, кој секоја година креативно предизвикува на ангажман и размислување, е „Преобразба" (The Metamorphosis), и е инспириран од делата на Франц Кафка.
– Во годината кога се навршуваат сто години од смртта на еден од најголемите автори на XX век и автор чие творештво претставува вечна инспирација за реосмислување на литературата и на човековото битие, решивме да ја вклучиме Македонија кон светскиот тренд на одбележување на оваа значајна годишнина. Особено, бидејќи и за нас 2024 е многу важна година – „BookStar" полни десет, а „Антолог", како организатор на Фестивалот и издавач на делата на Франц Кафка, дваесет и пет години од основањето под слоганот „25 години Антолог е класика". Затоа, и на „BookStar" ќе се одбележат дела кои се доволно моќни да го претворат неможното во можно, дела кои ќе го дофатат незамисливото и се напишани од автори кои лично ја доживеале метаморфозата – велат претставници на организаторот кој најави и многу тековни активности и новитети.