Свет
Расте бројот на загинати во земјотресот во Мјанмар, сега се над 3.500

Бројот на загинати во земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мјанмар пред десет дена се искачи на најмалку 3.515, а 210 лица сè уште се водат за исчезнати, покажуваат податоците што во понеделникот ги објави војската на Мјанмар.
Повеќето од жртвите се во и околу Мандалеј, вториот по големина град во Мјанмар. Таму загинаа повеќе од 2.100 луѓе.
Продолжувањето на работата на спасувачките служби го отежнуваат обилните дождови и ветровите, кои ги оштетија шаторите и теренските болници на меѓународните тимови. Метеоролозите предупредуваат на можност од поплави и одрони поради претстојната сезона на дождови.
Властите прогласија крај на операциите за пребарување и спасување и го пренасочија својот фокус на извлекување и расчистување на остатоците. Извештаите укажуваат дека мртовечниците се преполни и масовно кремирање се врши на отворено, јавува ДПА.
Во многу погодени области смрдеата на трупови е во воздухот, што го отежнува престојот на хуманитарните работници и на жителите. Поради многуте последователни земјотреси, некои од жителите се плашат да се вратат во своите домови, па спијат на отворено.
Покрај новите земјотреси, состојбата ја загрозува и честото губење на интернетот, што ги прекинува комуникацијата и воздушната координација.
Во делови од Мјанмар ситуацијата е катастрофална. Весникот „Иравади“ пишува дека повеќе од 80 отсто од инфраструктурата на Сагаинг Сити е уништена.
Хуманитарната ситуација останува тешка, пред сè, за ранливите групи во оваа земја погодени од внатрешни конфликти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Шахта во Њујорк експлодира неколку секунди откако по неа помина жена со деца

Безбедносна камера во американскиот град Паукипси, Њујорк, снимила драматичен момент кога капак на шахта експлодирал неколку секунди откако покрај неа поминала жена со количка и две деца, објави Би-Би-Си.
На видеото се гледа како жена турка количка и држи дете за рака додека оди по улица. Во моментот кога се оддалечени само неколку чекори има силна експлозија и од земјата избива оган и чад.
Според соопштението на противпожарната служба во инцидентот нема повредени, но во неколку згради во блокот била откриена висока концентрација на јаглерод моноксид.
„Жителите од околните згради се евакуирани додека нивото на гас не се сведе на безбедно ниво“, соопштија пожарникарите.
Причината за експлозијата се уште не е официјално потврдена, но се сомнева дека има технички дефект во електричната или гасната инфраструктура под коловозот.
Свет
Објавен мистериозниот портрет на Трамп кој Путин му го подари на американскиот претседател

Американската телевизиска мрежа Си-Ен-Ен го објави портретот што рускиот претседател Владимир Путин му го испрати на подарок на американскиот претседател Доналд Трамп во март.
На него е претставен американскиот претседател по обидот за атентат, а автор на портретот е рускиот уметник Никас Сафронов.
Сликата го покажува Трамп со крената тупаница и траги од крв на лицето – потсетување на моментот на атентатот за време на настап во кампањата во Пенсилванија на 13 јули 2024 година.
Зад него се вее американско знаме, а во позадина се видливи Статуата на слободата и Менхетен во Њујорк.
Свет
Зеленски: Спремни сме на директни разговори со Русија

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека Украина е подготвена за директни разговори со Русија по прекинот на огнот
„Подготвени сме да седнеме во кој било формат“, изјави украинскиот претседател за новинарите на брифинг.
Да потсетиме дека вчера и рускиот претседател Владимир Путин изјави дека е подготвен за директни преговори со Киев.
Во изјавата за новинарите, Путин рече дека би било можно директно да се разговара со Киев за прекин на нападите врз цивилната инфраструктура.
„Имаме позитивен став кон прекинот на огнот“, рече Путин, мислејќи на одлуката на Русија да спроведе изненадувачки 30-часовен Велигденски прекин на огнот.