Спорт
Маркез падна, Бањаја победи во Тексас

Победник на третата трка од сезоната во Мото ГП е возачот на Дукати, Франческо Бањаја. Ова е 40-та победа на италијанскиот возач во кариерата, а 30-та во првата класа.
Франческо Бањаја возеше со подобро темпо од претходните две трки, во четвртиот круг изби на второто место, пред Алекс Маркез, но и тогаш се чинеше дека неговиот тимски колега Марк Маркез е недостижен иако практично имаа исто темпо.
Марк Маркез направи голема грешка во деветтиот круг, излета од патеката и сериозно го оштети мотоциклот, во момент кога имаше водство од речиси две секунди. Франческо Бањаја во тој момент го презеде водството со 1,3 секунди предност пред Алекс Марекс, кого го престигна во четвртиот круг.
Предноста на Бањаја само растеше како одминуваше трката, Италијанецот остана концентриран и ја оствари првата победа сезонава. Зад него беа Алекс Маркез и Фабио ди Џанантонио, на второто и третото место.
Четвртото место го зазеде Франко Морбидели, пред Џек Милер. На шестото место се најде Марко Бецеки, а на седмото Енеа Бастианини. Лука Марини ја заврши трката на осмото место пред Аи Огура и Фабио Квартараро.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Алекс Баена се договорил со Атлетико

Фудбалскиот клуб Атлетико Мадрид планира големи летни инвестиции. Алекс Баен од наредната сезона се сели на „Метрополитано“ во Мадрид.
Извори од Мадрид блиски до Атлетико денес открија дека Баена веќе бара куќа во шпанската престолнина, дека ја договорил платата и сега чека клубовите да се договорат за обештетувањето.
Баена има 23 години, ја мина Академијата на Виљареал, но стигна до првиот тим преку Џирона, каде што играше како позајмен играч во сезоната 2021/22.
Во меѓувреме, Баена стана член на шпанската репрезентација, а според статистичките податоци, тој е еден од најдобрите плејмејкери во Ла Лига, иако игра на левата страна во редот за врска.
Тој ќе биде идеален во системот 4-4-2 на Диего Симеоне. Атлетико и минатото лето преговараше за неовиот трансфер, но тогаш клубовите не се договорија. Претходно се шпекулираше дека Виљареал очекува отштета од 50 милиони евра за неговиот потпис, што Атлетико очигледно е подготвен да го плати.
Но, Баена не е единственото бомбастично засилување, бидејќи се споменува дека Атлетико Мадрид наскоро ќе го официјализира трансферот на напаѓач. Анхел Кореа е на излезна врата, Антоан Гризман е во години, а Симеоне сака уште едно големо име покрај Хулијан Алварез, бидејќи Александар Серлот е решение од клупата.
Не е познато за кого се работи, но медиумите пишуваат дека Атлетико наскоро ќе објави со кој играч постигнале договор.
Спорт
Монако му нуди тригодишен договор на Миротиќ

Монако блеска оваа сезона во Евролигата, тие се на чекор до пласман на завршниот турнир, но во Кнежевството веќе размислуваат за засилувања за следната сезона.
Монако води со 2:0 во плејоф серијата од елитното натпреварување против Барселона и уште една победа би им обезбедила пласман на завршниот турнир во Абу Даби.
За следната сезона, според медиумите, прва желба е крилниот центар на Армани Милано, Никола Миротиќ.
Миротиќ не му донесе успех на Армани оваа сезона, но беше лидер на тимот на Еторе Месина.
Црногорецот со шпански пасош има договор со Миланезите уште една година, но има опција со која би можел да ја раскине соработката.
Како што објави новинарот Чема де Лукас, Монако е подготвен да му понуди тригодишна соработка на Миротиќ, кој оваа сезона постигнува 17,7 поени со 6,4 скока и две асистенции по натпревар.
Спорт
Реал е подготвен да го продаде Родриго

Крилниот напаѓач на Реал, Родриго, е на мета на критики поради лошата форма во последните два месеци.
Според извори блиски до клубот, доколку пристигне соодветна понуда ова лето, фудбалерот ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“, пишуваат шпанските медиуми.
Тренерот Карло Анчелоти не е задоволен од играта на напаѓачот, кој постигна само четири гола на 30 натпревари оваа сезона.
И покрај довербата што му беше укажана на почетокот на сезоната, Родриго сезонава нема никакво влијание во играта на Реал, а исто така не е ефикасен во завршниците.
Навивачите исто така изразија незадоволство од неговите настапи, а некои од нив веруваат дека продажбата би била најдобрата опција за двете страни.
Клубот е отворен за преговори, но нема да прифати понуда под пазарната вредност на играчот.
Според „Трансфермаркт“, Бразилецот вреди 100 милиони евра.