Спорт
Олмо: Ја одбив Хрватска и не ми е жал

Шпанскиот фудбалер Дани Олмо проговори за времето поминато во Динамо, како и за можноста што ја имал да добие хрватско државјанство.
Фудбалскиот сојуз на Хрватска му понуди шанса на Олмо да игра за националниот тим во 2017 година.
Олмо на крајот одби и играше за Динамо пет и пол сезони, до 2020 година кога беше продаден во Лајпциг за 34 милиони евра.
„Играв за Динамо и во 2017 година ме повикаа во Хрватскиот фудбалски сојуз. Ми понудија државјанство и можност да играм за Хрватска. Сакаа да играм за нив на Светското првенство во 2018 година. Понудата на Хрватска во тој момент ми нудеше поголема сигурност за мојата иднина“, рече играчот на Барселона и дополни.
„Бев многу среќен кога видов дека Хрватска стигна до финалето на Светското првенство 2018 година, но во ниту еден момент не зажалив што ја одбив поканата на Хрватска, ниту помислив дека сум направил погрешен избор. Во тоа време играв за шпанската младинска репрезентација и мојата желба беше да играм за сениорите“.
Олмо има одлични резултати со шпанската репрезентација.
Прво го освои Европското првенство до 21 година со младинската репрезентација, потоа го освои златото на Олимписките игри, а минатото лето со сениорите стана европски првак.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Панчев: Хуманитарен меч Вардар-Црвена звезда на 16. април

Легендата на македонскиот, југословенскиот фудбал и Црвена звезда, Дарко Панчев е скршен од тага по трагедијата во Кочани, во која во пожар во дискотеката „Пулс“ загинаа 59 лица, а преку 150 се повредени.
Европски и светски шампион со Црвена звезда, Панчев во разговор за „Спортклуб“, откри дека разговарал со генералниот директор на најтрофејниот српски клуб, Звездан Терзиќ, црвено-белите да му гостуваат на Вардар во Скопје. Идеката на Панчев е да се одигра хуманитарен натпревар.
„Останува само да се одреди датум, Црвена звезда за се ќе се договори со Вардар, директорот Терзиќ го спомна 16 април, благодарам, што друго да кажам. Во име на Кочани, Скопје и цела Македонија, Ви благодариме за грижата, за тоа што се прави за повредените, за нивниот транспорт и за лекувањето во Србија, благодареност до братскиот народ“, рече Панчев.
Спорт
Аргентина без Меси против Уругвај и Бразил

Капитенот на Аргентина, Лионел Меси нема да настапи на претстојните натпревари против Уругвај и Бразил.
Откако синоќа блескаше во победата над Атланта во МЛС лигата, Меси заработи повреда на мускулот, а по тестовите беше одлучено дека во овој прозорец нема да настапува за репрезентацијата.
Аргентина веќе обезбеди пласман на Мундијалот, прва е во јужноамериканскиот поредок со 25 бода, пет повеќе од Уругвај, па Лионел Скалони не сакаше ништо да ризикува.
Иако најави пензионирање, Меси сепак ужива во дресот на „гаучосите“, па останува да се види дали ќе игра и на СП 2026 година, кое сега не е така далеку, за нешто повеќе од една година.
Спорт
Стефан Ристовски ќе го напушти Динамо Загреб

Поранешниот капитен на фудбалската репрезентација на Македонија, Стефан Ристовски, веројатно ќе го напушти Динамо Загреб по завршувањето на сезоната. Ристовски, еден од капитените на најтрофејниот хрватски клуб со доаѓањето на тренерот Фабио Канаваро остана без местото во стартната посатав.
Договорот на Ристовски истекува на 30 јуни 2025 година, а потоа ќе стане слободен играч доколку, се разбира, во меѓувреме не потпише нов договор со актуелниот хрватски шампион. Платата на Ристовски според сегашниот договор е околу 700.000 евра годишно.
„Индекс“ пишува дека на подготовките му бил понуден нов договор, но со значително намалување. Новиот договор би бил за најмалку една третина помал од стариот, што значи дека Ристовски би можел да заработува околу 450 илјади евра годишно.
Во овој момент одлуката на Ристовски не е потврдена, но тој најверојатно нема да потпише нов договор. Проблемот не е во парите, туку во тоа што не е задоволен од статусот што би можел да го има следната сезона на „Максимир“.
Тој има 33 години и се уште може да најде сериозна минутажа во европскиот фудбал, а источните лиги и земјите кои нудат профитабилни договори се секогаш опција за играчите кои се пред крајот на кариерата.
Ристовски одигра 177 натпревари за Динамо и одигра важна улога во освојувањето на многу трофеи, но се чини дека и клубот и тој се повеќе се свесни дека влегуваат во нова ера.