• Мартин Танасковски

Екипата на Црвена Звезда си ја искомпликува работата во битката за место меѓу најдобрите шест во Евролигата со трет пораз во низа. Со крената глава од српската престолнина си заминува Олимпија Милано, тим кој успеа да слави со 82-80.
Мечот во белградска Арена беше во целост израмнет и заслужено се реши во самиот финиш. Ниту Црвена Звезда, ниту Милано, не избега на предност повеќе од шест поени. Попрецизен во финишот беше италијанскиот тим. Ненад Димитријевиќ не играше на овој дуел заради повреда на зглобот која „манекените“ ја пријавија по пристигнувањето во Белград.
Миротиќ кој влезе како „џокер“ на овој дуел затоа што беше неизвесен беше прв стрелец со 19 поени, пред Ледеј со 15 поени, а Шилдс имаше 14 поени. Кај Звезда, Калиниќ и Недовиќ имаа по 12 поени, а лоша вест е повредата на Боломбој пред крајот.
Фенербахче го одбрани домашниот терен од Асвел и го совлада францускиот тим со 92-82. Болдвин со 15 поени беше лидер кај турскиот клуб, а Колсон и Мекалум имаа по десет поени, а кај Асвел не помогна одличната партија на француските репрезентативци Ловерњ (20 поени, 9 скока) и Де Коло (13 поени, 11 асистенции).
Македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс ја загуби драмата со неговиот Париз против Жалгирис со кош на две секунди пред крајот (81-83) и направи чекор назад во битката за плеј-офот во Евролигата. Шортс блескаше, дури и даде клучна тројка за нерешено пред крај, ама следеше одговор од литванскиот првак на две секунди пред крајот, па промашен напад на Париз за три за победа.
Шортс мечот го заврши како прв стрелец со 21 поен, четири асистенции и два скока, пред Хифи со 17 поени, додека кај литванскиот тим, Браздеикис имаше 16, а Франциско 15 поени.