И додека многу форми на ненасилни протести носат сериозни ризици – да се сетиме на убиените демонстранти од плоштадот Тјенанмен во Пекинг во 1989 година, Ерика Ченовет тврди дека за ненасилните кампањи генерално е полесно да се зборува отворено, што значи дека вестите за нив можат да допрат до пошироката јавност.
Насилните движења, од друга страна, бараат постојано снабдување со оружје и обично се потпираат на повеќе тајни подземни операции кои може да имаат проблем да допрат до пошироката популација.
Со ангажирање широка поддршка од целото население, ненасилните активисти имаат поголеми шанси да добијат поддршка и меѓу полицијата и војската – токму групите на кои владата треба да се потпре за да го врати редот.
Еден пример е доста интересен – за време на мирен масовен уличен протест на многу луѓе, безбедносните сили може да стравуваат дека членовите на нивните семејства или пријатели се исто така во толпата – што значи дека нема да можат ефикасно да го потиснат движењето.
„Или кога ќе го погледнат огромниот број на луѓе кои учествуваат, можеби ќе дојдат до заклучок дека нема враќање назад сега и дека не сакаат да учествуваат во тоа“, вели Ченовет.
Ова се, се разбира, многу општи обрасци, и покрај тоа што беа двојно поуспешни од насилните конфликти, мирните отпори сепак не успеаја во 47 проценти од случаите.
Впрочем, не е лесно да се мине таа граница од 3,5 отсто од населението која активно би подржувала таков протест со амбициозни намери. На пример, во Обединетото Кралство, за ова ќе бидат потребни 2,3 милиони луѓе активно да учествуваат во движењето – приближно двапати поголема од Бирмингем, вториот по големина град во ОК – а во САД ќе бидат потребни 11 милиони граѓани – повеќе од целото население на Њујорк.
Оригиналната студија на Ерика Ченовет и Марија Стивен за прв пат беше објавена во 2011 година, а нивните наоди оттогаш привлекоа големо внимание.
Историјата покажува дека дури и најмоќните режими се ранливи кога се соочени со народ што стои цврсто и одбива да се покори, пишува Љубомир Костовски во анализата „УЛОГАТА НА БРОЈНОСТА КАЈ НЕНАСИЛНИТЕ ПРОТЕСТИ ЗА НИВНИОТ УСПЕХ: Пресудните 3,5 проценти“.