Маск се надева дека нема да има царини меѓу САД и Европа

Американскиот претприемач Илон Маск изјави во саботата дека се надева оти ќе види целосна слобода на трговијата меѓу САД и Европа во иднина, неколку дена откако американскиот претседател Доналд Трамп објави царини за трговските партнери во светот.

Маск, советник на Трамп кој работи на елиминирање на непотребните американски сојузни трошоци, зборуваше преку видео-врска на конгресот на италијанската десничарска владејачка партија Лига во Фиренца

„На крајот на денот, идеално би било да има договор да нема царини меѓу Европа и САД, преку создавање зона за слободна трговија меѓу Европа и Северна Америка“, рече Маск.

Според плановите на Трамп објавени во средата, Италија, која има голем трговски суфицит со САД, ќе биде предмет на сеопфатни царини од 20 отсто, заедно со другите земји од Европската унија.

Зборувајќи со лидерот на Лигата, Матео Салвини, Маск, кој изрази поддршка за десничарските партии низ Европа, исто така рече дека се надева на поголема слобода на движењето меѓу Европа и САД.

„Ако луѓето сакаат да работат во Европа или Северна Америка, според мене треба да можат“, рече Маск, додавајќи „тоа секако беше мојот совет до претседателот“.

Маск, кој во минатото беше исклучително близок со италијанската десничарска премиерка Џорџа Мелони и нејзината партија Браќа од Италија, исто така изрази поддршка за партијата Лига на Салвини.

И двете групации имаат крајно десничарска агенда заснована на „закон и ред“, намалување на даноците и сузбивање на илегалната имиграција.

Италијанскиот министер за економија Џанкарло Џорџети од партијата Лига претходно во саботата
предупреди против одмазднички царини кон Соединетите држави како одговор на царините што американскиот претседател Доналд Трамп ги воведе на трговските партнери.

Говорејќи на бизнис форум во близина на Милано, Џорџети рече дека Италија тежнее кон „деескалација“ со САД.

„Треба да избегнеме да започнеме политика на контрацарини што може да биде штетна за сите, но особено за нас“, рече Џорџети.