Многу е тешко во овој период да се пишува за Кочани, а невозможно е да се пишува за било што друго. Не постојат зборови со кои може да се опише трагедија која не’ погоди сите, - и која на површина исфрли многу системски пропусти и проблеми, чии последици допрва ќе пливаат по општественото мочуриште кое се излеа после пожарот. Во моментов, болката доминира во јавниот дискурс околу ова прашање, но вистинскиот предизвик, се плашам, ќе дојде дури кога болката малку ќе „спласне“: нашиот државен, медиумски, но и јавен, општествен, одговор на проблемите—за кои сите сега сме акутно одеднаш свесни—не може и не смее да биде само тажачка и револт. Колку и да звучи сурово во овој момент, вистинскиот предизвик ќе биде дали, долгорочно, а не само додека се вклучени камерите, ќе научиме нешто од оваа трагедија, и дали навистина ќе успееме да го смениме системот. Доктрината на новите политички елити во нашата земја е дека треба да се свртиме навнатре и со сопствени сили, сами, да ги направиме реформите кои ќе ја направат нашата земја поуспешна и побезбедна. Ова е вистинска шанса да одговориме на тоа прашање – можеме ли навистина сами? Тука сме на испит сите: и политичарите, но и граѓаните. Ако паднеме на овој тест, се плашам дека ќе биде само прашање на време кога вакво нешто може да се повтори.
Три фази на кризата
Кризата со која сме соочени во моментов може да се подели на три генерални фази. Првата е спасување и санација: тоа е првиот одговор на трагедијата, во која сите напори се посветени на спасување што е можно повеќе животи, и намалување на последиците од пожарот. Втората фаза е барање одговорност: за конкретниот настан, но и за пропустите кои довеле до вакво затајување на системот. Третата фаза е корекција: учење на лекции од кризата, и менување на општественото однесување за ваква трагедија да не може никогаш да се повтори.
Овие општествени фази ја следат и емотивната состојба на јавноста: болка, лутина, процесирање и акција. Иако првите две фази се со најголем емотивен набој, сепак третата, фазата на учење и корекција на системот, е онаа која најмногу влијае на општеството долгорочно. Гледам дека нашите политички елити, но и јавноста, се заглавени во еден реактивен пристап, фокусиран во моментов на одговорност, и се плашам дали, како општество, можеби по пат ќе се изгубиме и толку ќе ја политизираме состојбата, што до третата, по мене најважна, фаза, воопшто и нема да стигнеме. Прашањето е, кога лутината ќе помине, дали емоцијата ќе се претвори во одлучност за акција, или во апатија и дефетизам.
Погрешни пристапи
Неколку индиции за проблематичен психолошки одговор во оваа криза ме наведуваат на заклучокот дека постои ризик поуката која би ја извлекле од оваа трагедија, сепак да се изгуби во високиот емотивен набој на лов на одговорност. Прво, гледам дека дел од нашите политички елити се или исплашени, или налутени, или идеолошки се противат на протестите кои во моментов се случуваат низ државата. Тоа е, според мене, погрешен пристап. Револтот кој го гледаме низ улиците на државата, е најнормален, дури и психолошки здрав, одговор на општеството на трагедијата и на затајувањето на системот – тоа, на крајот, е доказ дека сеуште има енергија работите да се подобрат, дека сеуште има граѓани кои тоа го бараат, и се подготвени да се вклучат во таквите промени. Мислам дека репресијата на таа енергија може да се покаже исклучително ризична на краток рок, а секако ќе им наштети на сите оние кои се обидуваат да влијаат на овие движења. Политичките елити и од власта и од опозицијата, погрешно се поставуваат кон протестите: едните ги доживуваат како алатка за политичка борба, а другите како протести против нив лично. Двата пристапа се погрешни. Протестите не треба да се доживуваат како народот против елитите, напротив, би требало да се третираат како народот и елитите заедно против проблемот. Сѐ додека тоа не се случи, отуѓувањето на едните од другите ќе продолжи.
Кој е новиот план
Живееме во време на брза и запаллива граѓанска мобилизација, но која за жал трае додека има внимание, и релативно брзо спласнува штом ќе се појави новиот „трендинг“ настан на социјалните медиуми. Пример за тоа е трагедијата на „Партизанска“: цвеќето, свеќите и иконите сеуште стојат, но „лежечки полицаец“ нема. Кочани не смее да ја доживее таа, би рекол површна, судбина.
Граѓаните смеат да заборават но државата не смее, и мораме да ја искористиме оваа енергија во активна, но трајна мобилизација. Зашто, Кочани е само симптом на една болест која је влечеме со децении, и претставува врв на ледениот брег. Ако сега залудно ја потрошиме целата енергија, а тоа на крајот резултира без поголеми општествени промени, тоа ќе се претвори во апатија и дефетизам, и нашиот капацитет за промени ќе се наруши на траен, неповратен начин.
На крајот, немилата серија настани ни се повторува како карма: Ласкарци, Беса Транс, пожарот во модуларното болница, несреќата со бродот во Охрид, Кочани. Овие настани можеби на пластичен начин ни одговараат на прашањето дали навистина сами имаме сили да направиме вистински реформи, или само тонеме во се’ полоши состојби. За мојата генерација, одговорот на ова беше ЕУ – таа трансформација, низ преговорите, беше замислена, можеби идеализирана, како најголемиот ремонт и ресет на системот. Тој план се плашам дека веќе не е актуелен. Сега е ред новите дечки да кажат кој е новиот план.
Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.