Грем Потер инсистираше управата на Вест Хем да му донесе нов голгетер на располагање, а водечките луѓе на „чеканите“ конечно ја исполнија желбата на новиот тренер на лондонскиот клуб.
Еван Фергусон во следните 24 часа и официјално ќе стане нов член на „чеканите“ откако младиот голгетер на Брајтон веќе пристигна во Лондон на лекарски прегледи, по што ќе следи и официјална преселба во новиот клуб. Фергусон лани имаше одлична сезона во Премиер-лигата, но по заминувањето на Де Зерби тој речиси и да не добива шанса во таборот на Брајтон каде е трета опција во нападот, зад Жоао Педро и Дени Велбек.
Младиот напаѓач инсиститраше да му биде дозволено да си замине, а Брајтон даде зелено светло за позајмица до крајот на сезонава. Во договорот меѓу клубовите нема клаузула за откуп, па останува да се види дали Фергусон ќе ги оправда очекувањата за да се избори за летен трансфер. Едно е сигурно, тој ќе добие доволно шанси за да ги покаже своите квалитети ако се знае дека Вест Хем до крајот на сезонава ќе биде без Антонио, додека Боувен ќе биде „во аут“ уште најмалку еден месец, а повреден е и германскиот репрезентативец Филкруг.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА