Едно лице загина во напад на украински дрон врз областа Брјанск
- Еден цивил загина, а друг е повреден во напад на украинско беспилотно летало врз областа Брјанск, изјави денеска гувернерот на руската област Александар Богомаз.

Москва, 4 април 2025 (МИА) - Еден цивил загина, а друг е повреден во напад на украинско беспилотно летало врз областа Брјанск, изјави денеска гувернерот на руската област Александар Богомаз.
Како резултат на нападот, двајца жители на селото Белаја Берјозка се здобиле со рани од шрапнели, изјави Богомаз на апликацијата за комуникација Телеграм.
-Ранетите брзо беа пренесени во регионалната болница. За жал, еден од ранетите почина, изјави гувернерот на областа Брјанск која граничи со Украина.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, претходно денеска изјави дека руските сили за воздушна одбрана собориле дрон кој се приближувал до главниот град на Русија.
-Силите за воздушна одбрана на Министерството за одбрана одбија напад на дрон што леташе кон Москва, напиша Собјанин на Телеграм.
Претставник на руската Федерална служба за воздушен транспорт Росавијација изјави дека московските аеродроми Внуково, Домодедово и Жуковски се привремено затворени. Тие продолжија со работа неколку часа подоцна.
Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека руските сили за воздушна одбрана синоќа собориле 107 украински беспилотни летала. мс/
фото: МИА архива