Вработени во печатницата „Напредок“: Десет плати неисплатени, судската постапка тапка во место

Вработените во тетовската печатница „Напредок“ денеска повторно побараа интервенција од Владата и Министерството за труд и социјална политика, откако, како што велат, речиси една година се борат за своите права – исплата на 10 заостанати плати. И покрај покрената судска постапка уште во јануари 2024 година, досега нема никаков напредок поради постојаното одложување на рочиштата.

„Сопственикот ни должи десет плати. Се жалевме и постапката е на суд, но нема ништо. Секогаш кога сме присуствувале, рочиштата се одложуваат. Стечајната управничка никогаш не сме ја виделе, а таа треба да биде наша поддршка“, изјави една од вработените на денешниот протест.

Печатницата „Напредок“, една од најстарите во тетовскиот регион, постои повеќе од 40 години. По процесот на приватизација, од државна премина во приватна сопственост, и работела сè до крајот на 2023 година, кога официјално престанала со работа. Вработените тврдат дека по затворањето биле испратени на колективен одмор, а потоа им биле издавани потврди дека се сѐ уште вработени – иако реално не оделе на работа.

Дополнителна фрустрација кај вработените предизвикува и молкот на институциите. Стечајната управничка, назначена од државата, според нив, никогаш не воспоставила комуникација со работниците, ниту презела конкретни чекори за нивна заштита.

„Ги бараме само нашите плати, ништо повеќе. Им апелираме на актуелната Влада и надлежното министерство да го разгледаат нашиот случај. Зошто има застој?“, прашуваат тие.

Вработените најавуваат дека, доколку нема одговор од институциите, ќе ги радикализираат протестите.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното