Информации за OFF Програмата на 15. ФФФ

25.03.2025 14:38
Информации за OFF Програмата на 15. ФФФ

Ве информираме за претстојните културни и филмски случувања, во коишто љубителите на експерименталниот филм ќе имаат можност да учествуваат/присуствуваат на два значајни настани инспирирани од делото на реномираната иранско-британска уметница и филмска авторка, Меријам Тафакори. Настаните се подджани од Британскиот совет.

Работилница за експериментални видео форми инспирирана од Меријам Тафакори

27 март | 14:30 часот

КСП Центар-Јадро

Работилницата ќе биде фокусирана на методолошките пристапи на Тафакори, чија што кинематографска практика ги истражува сензуалноста и неизговореното во иранскиот филм. Учесниците ќе имаат можност да работат со колажни техники, реорганизација на постоечки визуелни архиви, текст и звук, со цел создавање нови релации, значења и наративи.

Теми на истражување:
• Како цензурата во иранската кинематографија поттикнува алтернативни визуелни и наративни стратегии;
• Како филмскиот колаж може да реинтерпретира постоечки слики и да создава нови значења;

Употребата на персиска поезија и гласовни записи како средства за изразување потиснати емоции.

Фасилитатори: Артан Садику (филозоф и куратор), Ивана Мирчевска (уметница) и Ѓорги Пулевски (културен работник).

OFF програма на 15. ФФФ:

Проекција и разговор со Меријам Тафакори

28 март | 20:00 часот

Музеј на современата уметност – Скопје

Како дел од OFF програмата на 15. издание на Филозофскиот филмски фестивал, ќе бидат прикажани четири значајни филмови на Тафакори: Irani Bag (2021), Nazarbazi (2022), Code Names (2022) и Mast-del (2023). По проекцијата ќе следи онлајн разговор со авторката, модериран од Ивана Мирчевска и Ѓорги Пулевски.

Меријам Тафакори е позната по својата работа со филмски колаж, архивски материјали и поетска нарација, преку кои истражува теми како меморијата, идентитетот, интимноста и цензурата во постреволуционерната иранска кинематографија. Нејзините дела се прикажувани на реномирани фестивали како Локарно, Торонто и New York Film Festival, како и во институции како MoMA и Tate Modern.