Црна хроника
Откриени дилери, чувале дрога во импровизирани бункери во Бутел

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека вршеле кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Во временскиот период од ноември 2024 година до март 2025 година, осомничените скопјани на возраст од 20, 26 и 21 година, како и други за сега непознати лица, заедно, заради продажба кај себе и на неколку локации низ Скопје, во импровизирани бункери во општина Бутел, чувале опојна дрога марихуана и амфетамин.
Полициски службеници при извршени осум претреси на различни локации пронашле над 800 грама марихуана, помало количество амфетамин и други предмети со траги од дрога. Со извршените вештачења на папиларни линии и ДНК материјал на пронајдената скриена наркотична дрога, потврдени се траги од осомничените.
За сите тројца јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, поради опасност од бегство и можност за повторување на делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Црна хроника
Приведени 13 албански државјани во Охрид: немале дозвола за работа

Вчера во 13 часот, во близина на хотелски комплекс на улицата „Наум Охридски“ во Охрид, полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи „Запад“, приведоа 13 албански државјани.
Тие претходно биле затекнати при изведување градежни активности, без да поседуваат соодветна дозвола за работа.
Од преземените мерки, било констатирано дека тие, на 14.04.2025 година, оствариле легален влез во државата но, не поседувале соодветни одобренија и дозвола за привремен престој по основ на работа, согласно член 80 од Законот за странци. Тие немале ни сертификати кои биле обврзани да ги поседуваат согласно со предвидените норми за имплементацијата на Законот за ратификација на Договорот за услови за слободен пристап до пазарот на трудот во Западен Балкан.
По целосно документирање на настанот, Регионалниот центар „Запад“, ќе поднесе соодветна пријава, соопшти полицијата.
Црна хроника
Насилство на фудбалски натпревар во Дебрца: нападнат фудбалер на гостинската екипа, кој завршил во болница

Синоќа, во селото Волино, општина Дебрца, полицијата го приведе С. Б. (43) од истото село.
Тој, по завршувањето на фудбалскиот натпревар од Третата фудбалска лига во Волино, физички го нападнал Р. Н. (25) од ресенското село Грнчари, фудбалер од гостинската екипа, кој бил пренесен во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид за укажување помош.
По целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Црна хроника
Ужас на автобуска постојка во Карпош: со закана со нож ограбени тинејџери

Синоќа Д.М.(44) од Куманово пријавил дека во периодот од 14.00 до 15.00 часот на автобуска постојка на подрачјето на Карпош, едно лице со закана со остар предмет од неговиот 17-годишен син и нивен 15-годишен роднина одзело пари.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.