Неколку републикански сенатори признаа за NBC дека одлуката на претседателот Доналд Трамп да воведе царини на стоки од повеќе од 180 земји и територии може да предизвика пораст на цените и да ги погоди американските потрошувачи на краток рок.
„Во бизнисот, понекогаш треба да поминете низ краткорочна болка за долгорочна добивка. И ние не мислиме дека таа болка ќе трае долго – ако воопшто. Имаме доверба во претседателот“, рече сенаторот Марквејн Малин од Оклахома.
Сенаторката Синтија Лумис од Вајоминг истакна дека Трамп презел „прилично одговорен“ пристап за наметнување тарифи, но таа сепак призна дека може да има непријатности за граѓаните.
„Со нетрпение очекувам да видам како ќе функционира ова. Веќе имаме земји кои му пристапија на претседателот и рекоа: ‘Ние сме подготвени да работиме заедно. Ќе ги намалиме нашите тарифи ако вие ги намалите вашите’,“ рече Лумис.
Сенаторот Џон Кенеди од Луизијана додаде дека верува оти Трамп ќе ја преиспита одлуката доколку царините предизвикаат повеќе проблеми за Американците.
„Ако тарифите донесат придобивки, луѓето ќе ги сакаат уште повеќе. Ако предизвикаат штета, ќе биде време да се прилагодат“, рече Кенеди. „Ако царините почнат да им штетат на Американците, верувам дека претседателот Трамп ќе реагира и ќе ги прилагоди“, додаде тој.