На 14-ти мај, во хидротермалниот медицински центар, хотел и спа "Цар Самуил", имаше гости од Рига, Латвија кои беа дојдени преку соработката на "Академија Леонтиќ" со Еразмус+ програмата.
Гостите беа пречекани од сопственичката и менаџер, госпоѓа Елена Пандева, како и од медицинскиот и логистичкиот тим на "Цар Самуил". Во пријатна атмосфера, прошетаа низ комплексот запознавајќи се со сите капацитети и можности кои ги нуди центарот, а потоа уживаа во убав ручек и ги искористија удобностите на спа центарот во "Цар Самуил".
Во текот на работната посета, се разговараше за сите аспекти на работа во кои г-ѓа Елена Пандева како менаџер се појавува, за модниот бренд ЕЛЕНА ЛУКА, за импозантните градежни активности преку ELENA LUKA HOME, и секако за бањскиот туризам преку успешната приказна на "Цар Самуил" и сите услуги кои ги нуди. Исто така, се разговараше за улогата на жената во бизнис сферата и афирмацијата на жената на општествено ниво, како и во бизнис сферата во светски рамки. Студентите и професорите од Латвија беа импресионирани и ја покажаа својата заинтересираност да дознаат повеќе детали, што би им послужиле како понатамошна инспирација во своите лични и професионални аспирации.
Имавме можност да поразговараме со г-ѓа Елена Пандева којашто беше многу среќна што се запозна со професорите и студентите од Латвија и што тие се гости токму во "Цар Самуил".
"Со Леонтиќ соработуваме долги години, ние сме пред сѐ блиски пријателки, но сме соработувале и во делот со модата затоа што нашите дејности се блиски. "Академија Леонтиќ" го препозна комплексот "Цар Самуил" како место со голем потенцијал за соработка преку нејзината Академија и комуникацијата со Еразмус+, така што потпишавме ексклузивен договор за престој на нејзините гости, професори и студенти во нашите капацитети, притоа користејќи сѐ што поседуваме како инфраструктура на работење, најразлични сервиси и услуги коишто "Цар Самуил" и бањата Банско ги нуди. Воедно, постои и можност за соработка во делот со модата, започнување на соработка од септември преку модна школа која ЕЛЕНА ЛУКА ќе почне да ја работи." - изјави г-ѓа Елена Пандева.
"Пресреќна сум што нашите денешни гости се воодушевени од нашите капацитети, од нашиот спа центар и од целото место кое со своите ресурси со минерални води можам да кажам дека е исцелително. Очекуваме многу понатамошни соработки затоа што ова е еден сериозен европски концепт, не само во едукативниот дел и во делот на науката, туку и од аспект на одмор, релаксација и здравствени придобивки. Нескромно ќе кажам дека со "Цар Самуил" котираме на светско ниво со сето она што го нудиме, особено во поглед на медицината, затоа што нудиме услуги од областа на физијатријата, ортопедијата, радиологијата итн., со што претставува еден поспецифичен концепт кој ќе биде единствен во Македонија и ве поканувам сите да го посетите." – додаде таа.
Госпоѓата Васка Леонтиќ, сопственик и главен менаџер на "Академија Леонтиќ", воодушевена од она што го виде, ни сподели повеќе детали за нивните проекти, за посетата на "Цар Самуил" и потенцијални идни соработки.
"Повеќе од 15 години, "Академија Леонтиќ" – приватниот центар за стручна обука, работи со Еразмус програмите и домаќини сме на 15 мобилности во текот на цела година, преку кои примаме студенти и професори кои имаат интерес во убавината, здравјето и негата. Еразмус+ освен што нуди можности од едукативната програма, едуцира и за културата и традицијата на Македонија, а бидејќи странските гости не се доволно запознаени со нашата држава како дестинација, љубопитни се да дознаат повеќе за нашата култура и воодушевени се од храната, љубезноста и гостопримливоста на Македонците. Како дел од програмата, денес сме гости во "Цар Самуил" и можам да кажам дека ова што денес го видовме е еден престиж во Македонија и навистина сме воодушевени колку многу е вложено. – изјави г-ѓа Леонтиќ.
Таа потенцираше дека е среќна што отсега, наместо да ги испраќа студентите во странство, работи на тоа да ги привлече повеќе во Македонија, за да видат дека и ние имаме капацитети и не заостануваме од другите држави, и тоа не само во Скопје, туку и низ сите помали места во Македонија.
"Воодушевена сум од сѐ што е направено тука, од сите капацитети, апаратура, помагала и не само за здрави лица, туку и за оние на кои им е потребна физикална терапија, како и физичка и ментална поткрепа. Со ЕЛЕНА ЛУКА веќе разговаравме за потенцијалната соработка со која сите Еразмус програми ќе се реализираат токму тука во "Цар Самуил" со што би носеле студенти да бидат на неколкумесечна обука во хотелот затоа што тука би ги имале сите можности и услови за пракса, а со ваква современа апаратура, студентите би имале шанса да го применуваат своето знаење." – додаде таа.
Од Управата на "Цар Самуил" врачија благодарници на гостите за учество и успешна соработка, а гостите го продолжија престојот со релаксација во спа центарот.