Македонија

Инфлацијата не стивнува - и покрај мерките, трговците уште работат со енормни маржи

Автор: Мирјана Јовеска

7 март 2025, 13:37

Инфлацијата во февруари изнесува пет отсто, непрестајно расте од август 2024 година

Цените на храната и на угостителските услуги најмногу се покачуваат

И покрај мерките, инспекторите казнија трговци што работеле дури со 70 отсто маржа

Инфлацијата не стивнува - и покрај мерките, трговците уште работат со енормни маржи

Depositphotos

Мирјана Јовеска

Инфлацијата во февруари изнесува пет отсто во однос на истиот месец лани, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика (ДЗС). Растот на цените не стивнува. По драматичната инфлаторна криза во август минатата година, инфлацијата се спушти на 2,2 отсто и оттогаш непрестајно расте. 

 

 

Раст на цените има буквално во секој сегмент, а најмногу поскапеле храната и угостителските услуги. Имено, ДЗС пресмета дека за една година храната и безалкохолните пијалаци поскапеле за 6,6 отсто, облеката и обувките за 3,2 проценти, здравствената заштита за 3,8 отсто, трошоците за рекреација и култура се зголемиле за 6,4 отсто, а цените во рестораните и во хотелите пораснале за 12,2 отсто.

 

 

 

„Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во февруари 2025 година во однос на јануари 2025 година изнесува 0,5 отсто. Зголемувањето на инфлацијата е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во следните групи: храна и безалкохолни пијалаци за 1,4 отсто, алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,8 отсто, мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата и ресторани и хотели за 0,6 отсто, домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,5 отсто, здравје за 0,2 отсто и комуникации за 0,1 отсто“, пишува во соопштението од Државниот завод за статистика.

Храната непрестајно расте, поевтини се само рибите и морските плодови

Цените на храната минатиот месец биле за 5,9 отсто повисоки од пред една година. Лебот и житата поскапеле за 3,3 отсто, месото за 6,5 отсто, млекото, сирењата и јајцата поскапеле за 8,1 отсто, а маслата и мастите дури за 13,1 проценти. Цените на овошјето се за 4,5 отсто повисоки, а на зеленчукот за 8,7 проценти. Многу поголемо е поскапувањето кај безалкохолните пијалаци, чии цени за една година пораснале дури за 17,6 проценти.

Во овој сегмент на годишно ниво цените се намалиле единствено на рибите и на морските плодови, и тоа за еден отсто.

 

 

 

Ако ги погледнеме цените во рестораните и хотелите, инфлацијата тука се чини како воопшто да нема кочница. Угостителските услуги за една година се поскапи за 7,5 отсто, а услугите за сместување за вртоглави 36,9 проценти.

Индексот на цени на мало покажува годишен раст од 4,2 отсто, кој инаку повеќе или помалку се отсликува кај сите производи.

Ќе дочекаме ли реален пад на цените во маркетите? И покрај мерките, се продаваат продукти со 70 отсто маржа

Откако пратениците ги изгласаа измените на Законот за заштита на потрошувачите, со кој се очекува да му се стави крај на „дивеењето“ на трговците, во тек е преодниот период во кој тие треба да се приспособат на новите правила, кои во пракса ќе станат задолжителни од средината на април. За ова веќе пишувавме во нашата анализа од пред две недели.

Со видливо и јасно истакнати цени на полиците, но и на интернет-страниците на трговците за поголема транспарентност и фер однос меѓу маркетите и потрошувачите ќе се решава проблемот со навидум неконтролираниот раст на цените на производите, што од една страна ги богати синџирите на маркети, од друга, пак, сериозно го нагризува стандардот на граѓаните.

Очекувањата се дека поголемата транспарентност и здравата конкуренција ќе направат да дојде до природна корекција на цените во надолна линија. Дали навистина ќе биде така и колку надолу може да се коригираат цените останува да видиме.

Вашата претплата не може да се зачува. Ве молиме обидете се повторно.
Вашата претплата е успешна.

Во меѓувреме во сила се владините мерки со кои се замрзнаа цените за одредени основни продукти (леб, брашно, кисело млеко, јајца, масло), а се ограничија маржите од пет до 15 отсто за над сто групи производи. Мерката ќе трае до крајот на април.

Наспроти тоа, на терен работите се поинакви. Пазарната инспекција веќе дели казни и затвора трговци кај кои констатирала дека продаваат производи и со неверојатни 70 проценти маржа.

Bloomberg
 

 

Досега три маркети, една аптека и тројца од најголемите увозници на овошје и зеленчук се меѓу деловните субјекти што се соочуваат со затворање во траење од 15 дена поради непочитување на владините мерки за ограничување на маржите. Покрај привременото затворање, овие компании ќе бидат и парично казнети.

„Инспекциите утврдија неправилности во работењето на осум правни субјекти, кај кои маржите достигнувале и до 70 отсто. Освен привремено затворање, овие субјекти ќе бидат санкционирани и со парични казни“, изјави Влатко Стојкоски, директор на Државен пазарен инспекторат, на денешната прес-конференција.

Според него, сега се обработуваат уште 30 предмети што се однесуваат на повеќе големи маркети, а инспекторите продолжуваат со континуирани теренски контроли.

Во периодот од 24 февруари до 6 март Државниот пазарен инспекторат спровел вкупно 365 инспекции во малопродажните објекти и 64 во големопродажните, со што биле опфатени над илјада трговски субјекти. Притоа се констатирани 36 неправилности, а издадени се прекршочни платни налози во вкупен износ од 42.000 евра.

Платите се доволни само за преживување

Последните податоци од Државниот завод за статистика за просечната нето-плата во земјава се за декември, кога изнесува 43.587 денари и е за девет отсто повисока од пред една година.

 

 

 

Ама растат и трошоците. Според пресметката на Сојузот на синдикати на Македонија, за задоволување на основните потреби на едно четиричлено семејство составено од двајца возрасни и две деца, кое нема сопствено возило, а притоа живее во сопствен дом, во февруари биле потребни 63.773 денари. За една година тие трошоци се зголемиле за повеќе од сто евра. Притоа, дури 37 проценти од тие пари, или 23.427 денари, се месечен издаток само за храна и пијалаци.

 

 

 

 

Бојкот на маркетите и во Македонија: На цел регион му се смачи од поскапувања
Македонија

Бојкот на маркетите и во Македонија: На цел регион му се смачи од поскапувања

По Хрватска, бојкот на маркетите в петок ќе има и во Србија, Црна Гора и во Македонија. Целта не е да се снабдите претходно со потребното, туку да го купите од мали продавници или пазари.

30.01.2025

Автор: Мирјана Јовеска

Сите новости од рубриката Економија

Годишнина од војната во Украина: Колку е отпорна „силно прегреаната“ руска економија?
Свет

Годишнина од војната во Украина: Колку е отпорна „силно прегреаната“ руска економија?

„Има многу аларми и голем број симптоми што укажуваат дека не е далеку сериозна криза за руската економија“, вели Денис Манцевич, експерт за руската економија.

24.02.2025

Автор: Mihael Šmirmaul

Економија

сите новости од рубриката Економија

Регистрирајте се за да продолжите со читање. Регистрирајте се

Продолжете со читање со одбирање на една од опциите подолу

БЕСПЛАТЕН НАЛОГ

Прочитајте го овој и уште четири други текстови (не се однесува на премиум текстови)

Бесплатен билтен

Регистрирај се

Претплата

Неограничен пристап до премиум содржина на сите 5 портали

Неограничен пристап до ТВ и видео содржина

Ексклузивни приказни и анализи од Businessweek Adria

Истражете ги понудите

Активирајте уште една бесплатна статија и продолжете со читање.

Отклучи сега

Искористивте еден бесплатен текст.

Го цениме вашиот интерес за веродостојни информации. Активирајте уште една бесплатна статија и продолжете со читање.

Отклучи сега

Искористете ја ексклузивната понуда денес! Читајте неограничено за 1 € неделно.

Добијте неограничен пристап денес

Продолжете

Искористете ја ексклузивната понуда денес! Читајте неограничено за 1 € неделно.

Вашите конкуренти веќе го знаат ова. Дали ќе останете тивки?

Приклучете се сега за само 11 € месечно!

Истражете ги понудите