Државата планира конечно да почне со подомаќинска грижа за својот имот. Такви, барем се најавите, по последните владини одлуки за измени во Законот за градење, но и за создавање единствен Централен регистар за државен недвижен имот.
Првата, треба да ја олесни доизградбата на објектите кои со години се заглавени во градба и никако да се завршат – од спортски сали, згради на државни институции, факултети итн. Втората, пак, треба да даде јасна слика за државниот имот и да го подобри управувањето со овие објекти, но и да спречи можни злоупотреби.
Ваквите чекори се за поздравување и се добри, но нема да бидат доволни, смета Тинка Китеска од граѓанската иницијатива Праведни и професионални, која во 2021 издаде и Практикум со корисни информации за евиденцијата на државниот недвижен имот.
Само регистар не е доволен
Потребата за создавање регистар Владата ја усвои пред една недела (25 февруари) по иницијатива на вицепремиерот за политики на добро владеење, Арбен Фетаи. Во моментов тече рок од 30 дена во кој институциите треба да пополнат дигитален формулар за својот имот, а податоците потоа треба да ги управува Министерството за дигитална трансформација.
Пред официјално да се формира регистарот, како што посочува и Фетаи, ќе треба да се донесе и Закон за централен регистар на државен недвижен имот.
Но, дури сега кога ќе се оформи каква таква база, како што вели Китеска, ќе се соочиме со реалноста.
„На очиглед на сите ќе се појават бројни незапишани државни објекти, со неизложени права, без физичка делба меѓу корисниците, празни објекти, руинирани детски одморалишта, напуштени домови на културата, неупотребливи задружни домови или објекти на некогашни стопански гиганти кои отишле во стечај и имотот останал да го стопанисува Управата за јавни приходи. Регистарот нема да го реши тој проблем“, вели Китеска за Радио Слободна Европа (РСЕ).
На земјава, според неа, и е потребна и опсежна стратегија за понатамошно постапување, план со динамика и рокови за да се исполнат стратешките цели.
Само така ќе може да зборуваме за сериозни намери и да воведеме ред во начинот на користење на државните недвижности, додава таа.
Хрватско искуство во управувањето со имотот
Најавувајќи го ваквиот план како „огромен чекор кон зголемување на транспарентноста и поефикасното управување со јавното богатство“, вицепремиерот Фетаи посочува дека во изготвувањето на законот ќе го користат хрватското искуство.
Ако се погледне структурата на хрватската влада може да се забележи дека тие имаа и посебно Министерство за просторно уредување, градежништво и државен имот.
Китеска вели дека можеби и Северна Македонија треба да размислува во тој правец, ако не за засебно министерство, тогаш за некоја посебна управа односно институција. Но, потребно е и многу повеќе.
„Тоа е повеќе од потребно за да го започнеме овој процес кој чека веќе неколку децении некој да го поттурне и да го реализира“, вели таа.
Обиди за воведување ред со управувањето со државниот недвижен имот имало и досега. Но, ништо не даде видливи резултати. Еден од тие примери беше и обидот на Агенцијата за катастар пред неколку години да воведе единствени идентификациони броеви за секој државен орган.
Апели, пак, за воспоставување ред имаше и од Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој во својот последен извештај за успешноста со управувањето со државниот имот, се нагласува потребната од регистар. На пример, податоците од тој извештај покажаа дека министерствата во македонската влада користат 1.214 државни објекти, од кои, една шестина, односно 212 објекти ги користат бесправно, односно без одлука на Владата.
Од друга страна, како што констатираа ревизорите, само две министерства потрошиле речиси 800 илјади евра за изнајмување на простории за 4 години, во ситуација кога речиси половина министерства (43 отсто) имаа вишок простории и државни објекти кои се изјасниле дека не ги користат.
„Ова е значителен одлив на буџетски средства, кој би се намалил со преземање на активности за поефикасно управување со имотот“, порача ДЗР.
Законско „олеснување“ за доизградба на објекти
Покрај најавите од Фетаи за попишување на сиот државен имот во еден регистар, неговиот колега од Владата, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ги најави измените на Законот за градење.
Тие, исто така, поминаа на владина седница и наскоро треба да се најдат и пред пратениците во Собранието за усвојување. Од Министерството за транспорт посочија дека тие се „насочени кон унапредување на процесите за издавање на одобренијата за градење и поедноставување на постапките за инфраструктурни проекти доминантно кон јавните органи“.
„Целта на предложените измени е да се решат сите затекнати проблеми во текот на градбите, како и да се олесни користењето на објектите, со што ќе се овозможи побрза и поефикасна реализација на инфраструктурните проекти. На тој начин се овозможува реализација на веќе започнатите градби од страна на државните органи преку нивна доизградба и делот на ставање на употреба“, посочи Николоски.
До објавување на текстот, од Министерството за транспорт не добивме одговор што конкретно ќе значат законските измени, кои објекти ќе бидат опфатени и каква била пречката тие да се доизградат досега.
Како примери во јавноста беа посочени доизградбата на зградите на универзитетскиот кампус, објектот на Народната банка во центарот на Скопје, но и реализација на веќе започнати патишта.
Кога е во прашање кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во 2015 почнаа да се градат згради на два факултети – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичка култура (ФФК).
Од Министерството за образование и наука велат дека тоа се единствените нивни објекти кои стојат неизградени. Претходниот министер Јетон Шаќири повеќе години најавуваше нивно завршување, а исти ветувања студентите добија и по започнувањето на мандатот на актуелната министерка Весна Јаневска пред неполна година.
Оттаму посочија дека двата неизградени објекти веќе се оштетени и од временските услови и од извршени кражби и ќе прават ревизија за да се утврди колку пари се потребни за доизградба.
Ревизијата, како што велат од МОН за РСЕ, сè уште не е завршена.
Објектот на Народна банка, пак, беше дел од проектот „Скопје 2014“. Според договорот склучен тогаш со градежната фирма „Бетон“, изградбата требаше да чини 23 милиони евра. Но, ниту тој не е завршен. Досега, според последните објаснувања оттаму, изведени се над 60 отсто од градежните работи предвидени со основниот договор, а на фирмата се исплатени 15 милиони евра.