Собраниската Комисија за европски прашања го прифати Предлогот на новиот Закон за енергетика со што започнува процесот на усогласување на македонското законодавство со европската регулатива во областа на енергетиката.
Заменик-министерот Мирослав Лабудовиќ, истакна дека неговото донесување претставува суштински чекор во модернизацијата, либерализацијата и зголемувањето на одржливоста на енергетскиот сектор во земјата. Како што посочи, транспонирањето на директивите и регулативите од европскиот пакет за „чиста енергија“ ќе овозможи неколку клучни придобивки:
- либерален, транспарентен и конкурентен пазар за електрична енергија, кој значи поголем избор, поквалитетни услуги и пофер цени за потрошувачите;
- можност за промена на снабдувач без административни или финансиски пречки;
- воведување паметни броила и подобра информираност на потрошувачите;
- поддршка за нови концепти како потрошувачки-производители, енергетски заедници и активно управување со побарувачката.
Овој процес претставува дел од пошироките реформски приоритети на државата – зајакнување на институциите, енергетска безбедност, зелена транзиција, социјална праведност и подготовка за членство во Европската Унија.
– Транспонирањето на Четвртиот енергетски пакет носи повеќе бенефити. За стопанството тоа значи поголема конкурентност на пазарот, пониски цени на електричната енергија преку зголемена пазарна ликвидност и пристап до нови извори на снабдување. За граѓаните, ова значи поголема заштита на потрошувачите, можност за пофлексибилни тарифни модели и поголема транспарентност на пазарот. Дополнително, отвора простор за повеќе инвестиции во капацитети за складирање енергија, што е клучно за стабилноста на системот со оглед на растот на обновливите извори – вели министерката Сања Божиновска.
Законот е во целосна согласност со Зелената агенда за Западен Балкан и европскиот Зелен договор, а со неговото усвојување Македонија ќе се приклучи на пазарот на електрична енергија на ЕУ и пазарот „ден однапред“.
Според процените, успешно спроведување на овие чекори може да донесе финансиски бенефити од 6,4 до 8,5 милиони евра
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини особено ја нагласува и важноста од преносот на МЕПСО под своја надлежност, со цел поефикасно и стручнo управување со клучната инфраструктура за пренос на електрична енергија.
Министерството останува посветено на градењето на сигурен, ефикасен и модерен енергетски систем, во корист на сите граѓани и во целосна согласност со европските стандарди.