Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров пристигна во кралската палата Дирија во Ријад, каде што ќе започнат преговорите со американската страна предводени од шефот на Стејт департментот Марко Рубио.
По неколку години отсуство на каков било дијалог, делегациите на Русија и Соединетите Американски Држави денеска ќе разговараат за изгледите за решавање на ситуацијата во Украина, како и за начините за подобрување на билатералните односи меѓу Москва и Вашингтон, кои се во ќорсокак.
Според наредбата на претседателот на Русија, Владимир Путин, руската страна ќе ја претставуваат министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и помошник шефот на државата Јуриј Ушаков. Според телевизијата Си-Ен-Ен, американската делегација во Ријад ќе ја сочинуваат помошникот за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп, Мајкл Валц и специјалниот пратеник на американскиот лидер за Блискиот Исток, Стивен Виткоф.
Според портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, една од главните теми на преговорите ќе биде подготовката за средба меѓу лидерите на Русија и САД.