Вработените во македонска Филхармонија го очекуваат исходот од конкурсот за именување директор на институцијата, откако пред речиси една недела протестираа пред Министерството за култура барајќи законски избор на директор кој ќе застане на чело на институцијата.
На огласот се пријавени пет кандидати, од кои едно име е спорно за вработените, бидејќи уште пред да се распише оглас, бил спомнуван како потенцијален директор.
Станува збор за Мустафа Имери, кој во февруари 2024 година, на прес-конференција обвини дека бил избркан од работа како професор-тенор и раководител на Катедрата на албански јазик во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ од структури на поранешната владејачка партија ДУИ. Причината била дека објавил фотографија со тогашниот претседател на Демократско движење, Изет Меџити.
На минатонеделниот протест, вработените побараа министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, да го избере најдобриот кандидат, надвор од партиските поделби на институциите помеѓу коалициските партнери ВМРО-ДПМНЕ и Вреди, договорени уште пред распределбата на власта.
„Од јуни, пред формирањето на новата Влада, Изет Меџити јавно објави дека вреди да се „преземе“ Филхармонијата и дека Мустафа Имери ќе биде првиот Албанец што ќе ја води институцијата. Оваа скандалозна објава го урива легитимитетот на конкурсот кој се уште трае, бидејќи името на Имер се уште се споменува по ходниците како сигурна и договорена можност за директор на нашата институција“, стои во писмото кои вработените го адресираа до премиерот Христијан Мицкоски и министерот Љутков.
Претседателот на Синдикатот на Филхармонија, Владимир Лазаревски вели дека не се мешаат во изборот, но, сакаат тој да биде според закон и критериуми.
„Многу често во минатото имавме проблеми со претходни министри, со претходни одлуки. Сме се бореле против сите неправди што се нанесени и сега се бориме на истиот начин“, вели Лазаревски за РСЕ.
Постапката не пропишува временски рок до кога треба да биде избран новиот директор на Филхармонија.
Крајниот збор за изборот го носи лично министерот за туризам и култура Зоран Љутков.
Љутков: Одлуката некогаш може да биде и полититичка
Тој се уште чека на трочлената комисија да ја провери документацијата доставена од кандидатите и да му достават нивна препорака колку од нив се соодветни од позицијата, потоа да ги повика на интервју и на крај тој лично да го избере новиот директор.
„Тие директори треба да ги споделуваат политиката на министерството и ние како влада. Од тие причини, може некогаш да биде и политичка одлуката, како што е политичка одлуката за министер. Можеби некој ќе поднесе програма што е произлезена од програмата на Владата. Можеби некој е врвен професионалец, но, програмата што ја има напишано, не ја одразува политиката која ја водиме ние“, вели Љутков за РСЕ.
На прашањето дали ако е политичка одлуката се напушта принципот на мерит систем, Љутков вели:
„Замислете има четворица кандидати кои се врвни професионалци, а имаат програма што е сосема спротивна од она што јас го водам како министер. Дали мислите дека тоа е во ред? Јас сметам дека институциите треба да имаат делегиран буџет, тој вели не и ќе стави во програмата дека таквиот буџет е погрешен. Дали треба јас тој да го одберам за директор?“, објаснува Љутков.
Покрај стравувањата на вработените во Филхармонија за политички избор за институцијата, следуваше и друга изјава на вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити.
Тој на партиски настан во Шуто Оризари најави 3.000 вработувања на Албанци во државната и јавната администрација. Ваквото јавно ветување го отфрли како неприфатливо премиерот Христијан Мицкоски, велејќи дека вработувања ќе има на „компетентни и оние кои ќе одговорат соодветно на тие работни места“ додека опозицијата обвини за подготовка за масовно партизирање на институциите пред изборите.
Реагираше и Државната комисија за спречување на корупцијата, според која актуелните најави за вработувања во јавната администрација, не смеат да бидат предмет на договор на политички структури.
Антикорупционерите напоменуваат дека секое вработување мора да биде во согласност со закон, по мерит систем и без никакви влијанија.
„Само на овој начин, велат оттаму, почитувајќи ги законските регулативи, ќе овозможиме враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, ќе спречиме коруптивно однесување, трговија со влијанија и партиски клиентелизам. Секоја изјава за “договорни“ партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања“, стои во соопштението од Комисијата.
РСЕ не доби одговор на прашањето дали во изминатата една година, од кога и функционира новиот состав на Антикорупциска, на нивна адреса се пристигнати пријави за партиски вработувања.
Вработувања по систем на заслуги, но таков систем нема
Мерит системот или вработување според заслуги, вредности и квалификации на апликантите за работа во јавната администрација треба да има приоритет пред националноста, етничката или партиската припадност при вработување. За ова декларативно се залагале генерално сите владејачки партии. Но, во пракса, сликата е поинаква.
Во моментов, изборот на раководни функции е уредено со закони кои пропишуваат само услови, но, не постапка и критериуми за избор, ниту постапка за именување и разрешување, туку само формално се носат решенија.
Tекстот на предлог-Законот за висока раководна служба е изготвен и веќе два пати е поставуван на ЕНЕР-порталот, во 2019 и во 2022 година и изготвени се повеќето подзаконски акти кои произлегуваат од Законот, меѓутоа во претходниот собраниски состав немаше политичка волја тој да биде изгласан.
Од невладината организација Центар за управување со промени, велат дека законот го нема во Програмата за работа на Владата за 2025, иако министерот за јавна администрација зборува за системот на висока раководна служба заснована на компетенции.
„Носење на Закон за висока раководна служба ќе придонесе кон избор на високата раководна служба според начелата на стручност и заслуги што ќе значи зајакнување на доброто управување во институциите на јавниот сектор. Со ова ќе се направи јасна разлика меѓу политичките избрани и именувани лица и администрацијата. Со новиот систем ќе се отвори конкурентна постапка за вонпартиски кадри со соодветни компетенции да можат да се пријават на огласи за раководни позиции во јавните институции“, велат од Центарот за управување со промени.
Од Министерството за јавна администрација велат дека е предвидено донесување на законското решение до крајот на 2025 година. Ресорот веќе работи на подготовка на законот, за кој велат дека во третиот квартал ќе отворат и јавна дебата со академската и стручната јавност, граѓанскиот сектор и меѓународните организации.
„Системското уредување на ова прашање е од клучно значење за професионализација на јавната администрација и намалување на политичкото влијание во раководните структури. Законот ќе постави јасни критериуми за селекција на високите раководни кадри, базирани на компетенции, стручност и транспарентен процес на избор, наместо политички именувања“, вели министерот Минчев.
Според Реформската агенда која е дел од Планот за раст, до декември 2025 година, најмалку 90 % од испразнетите раководни позиции (директори и секретари) треба годишно да се пополнуваат по конкурентна и транспарентна постапка за регрутирање, вклучително и осигурување дека за секоја од овие постапки за регрутирање има најмалку 3 подобни кандидати.
Според министерот Минчев, Реформската агенда е јасно дефинирана и поставува амбициозни, но остварливи цели за професионализација на јавната администрација.
За идните вработувања, тој смета дека мора да се базираат на реалните потреби на институциите и критериуми на компетентност, наместо на политички или етнички квоти.
„Јасно е дека процесот на департизацијата не е едноставен. Департизацијата на јавната администрација е клучен столб во реформите и таа мора да се одвива на транспарентен и правичен начин, заснован на мериторност и професионализам, а не на етничка или политичка припадност“, вели Минчев.
Нема кратење, туку реструктурирање на јавната администрација
Во моментов, јавната администрација во Северна Македонија има околу 130.000 вработени. Анализите на Министерството за јавна администрација покажуваат дека одредени институции се соочуваат со нерамномерна распределба на кадарот.
Односно, дека во одредени сектори има превработеност, додека други, особено во делот на ИТ секторот, има недостаток од стручни кадри.
Кон крајот на ноевмри, министерот Минчев кажа дека во државата има преголема и пребавна јавна администрација и најави нејзино кратење.
Три месеци подоцна во изјава за РСЕ ретерира дека „наместо механичко кратење, фокусот на Владата е на функционална анализа и системско преструктурирање, за администрацијата да стане поефикасна, пооптимизирана и подостапна за граѓаните“, преку Закон за обука и стручно усовршување на административните службеници и предлог Законот за инспекциски надзор.