Не е лесно САД и Русија да се договорат за клучните делови од можниот мировен договор за ставање крај на војната во Украина, вели првиот руски дипломат Сергеј Лавров, додавајќи дека Русија никогаш повеќе нема да дозволи да биде економски зависна од Западот и дека нема да се откаже од четирите украински региони.
– Зборуваме за правата на луѓето што живеат во овие области, на оваа земја. Затоа тие ни се драги и не можеме да се откажеме од нив дозволувајќи луѓето да бидат протерани од таму – рече Лавров потсетувајќи на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин од јуни 2024 година кога Путин побара Украина официјално да се откаже од амбициите за НАТО и да ги повлече своите трупи од овие региони.
Споредувајќи ги ситуациите во Косово и на Крим, рече дека Западот се спротивставил на референдумот во Крим, а го поддржал едностраното прогласување независност на српската покраина поради, како што рече, расизам.
– Не, вие не можете, вие сте Словени, а ние имаме Албанци. Тоа се расистички работи. Ние веќе никому ништо не му должиме, ќе се однесуваме како што сакаме – рече Лавров во интервју за „Комерсант“.
Според Лавров, Западот смета дека Словените немаат право на самоопределување за разлика од Албанците.
Тој рече дека немало референдум во Косово, туку дека претставникот на Обединетите нации, поранешниот претседател на Финска, Марти Ахтисари, само рекол дека Косово е независно по налог на САД ингорирајќи го, како што вели Лавров, територијалниот интегритет на Југославија.
Русија во моментот контролира нешто помалку од една петтина од Украина, вклучувајќи го и Крим, кој го анектира во 2014 година, како и делови од четири региони за кои Москва сега тврди дека се дел од Русија, тврдење што повеќето земји не го признаваат.