Анализи
Наглиот пад на Nvidia: Дали конкуренцијата од Кина ја загрозува технолошката доминација?

Во понеделникот, 27 јануари 2025 година, акциите на Nvidia доживеаја значителен пад, губејќи околу 12,2% од нивната вредност. Овој пад ја намали пазарната капитализација на компанијата за приближно 600 милијарди долари, што претставува еден од најголемите еднодневни губитоци во историјата на американскиот пазар.
Што доведе до овој драматичен пресврт?
Главната причина за овој пад е објавата на кинеската технолошка компанија DeepSeek, која разви моќен модел на вештачка интелигенција наречен R1. Овој модел стана популарен веднаш по неговото лансирање на 20 јануари, достигнувајќи го врвот на Apple App Store и влегувајќи во топ 10 на листата Chatbot Arena на Универзитетот во Калифорнија, Беркли. DeepSeek потроши само 5,6 милиони долари за обука на претходниот модел V3, што ги загрижи инвеститорите во однос на трошоците и вреднувањето на американските технолошки компании кои инвестираат огромни суми во вештачка интелигенција.
Оваа вест предизвика пад на акциите не само на Nvidia, туку и на други големи производители на чипови како Broadcom (пад од 12,1%) и Advanced Micro Devices (пад од 4,5%). Дополнително, технолошките гиганти како Microsoft и Alphabet (матичната компанија на Google) исто така забележаа пад на акциите, што укажува на пошироко влијание врз технолошкиот сектор.
Што можеме да научиме од ова?
- Непредвидливост на пазарот: Дури и најуспешните компании можат да доживеат ненадејни падови;
- Конкуренцијата не спие: Иновациите можат да дојдат од неочекувани насоки, менувајќи ја динамиката на пазарот преку ноќ;
- Важноста на диверзификацијата: Потпирањето на еден извор на приходи или технологија може да биде ризично.
Овој настан е потсетник за брзината со која се менуваат работите во технолошкиот свет. До минатата недела зборувавме за историскиот успех на Nvidia, а сега за пад од над 600 милијарди долари. Останува да видиме дали Nvidia ќе успее да се опорави и да продолжи со растот или ќе се соочи со предизвици поради ваквата конкуренција.
Анализи
Девизните резерви на крајот на март достигнаа 4,78 милијарди евра – најголем дел вложени во државни хартии од вредност

На крајот на март 2025 година, бруто девизните резерви на Република Северна Македонија изнесуваат 4.788,1 милиони евра, покажуваат најновите податоци објавени од Народната банка. Овој износ претставува стабилно ниво на девизни резерви, што придонесува за одржување на макроекономската стабилност и довербата во монетарната политика на земјата.
Анализирајќи ја структурата на резервите, најголемо учество имаат инвестициите во државни записи, кои сочинуваат 77,0% од вкупните резерви. Оваа состојба укажува на претпазливо управување со средствата, преку инвестирање во нискоризични и ликвидни инструменти, што е во согласност со конзервативниот пристап на централните банки.
Втор по големина сегмент во структурата на резервите е монетарното злато, кое учествува со 13,4%. Златото традиционално се смета за сигурна актива, особено во услови на глобални финансиски неизвесности и геополитички тензии, па неговото значително присуство претставува дополнителна заштита на девизните резерви.
Остатокот од 9,6% се однесува на валути и депозити, што дополнително ја зајакнува ликвидноста и флексибилноста на резервите, овозможувајќи брза реакција во случај на надворешни шокови или потреба за интервенција на девизниот пазар.
Ваквата структура на девизните резерви претставува индикатор за стабилност и дисциплинирана фискална и монетарна политика. Воедно, таа овозможува сигурна поддршка за надворешната позиција на земјата, вклучително и за покривање на увозот и обврските кон странство.
Анализи
ИНАЕТ ШТО ЧИНИ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ: Битката за каматните стапки и контрола над ФЕД се заострува, Трамп и Пауел во нов судир околу иднината на американската економија

Со враќањето на Доналд Трамп во фокусот на американската политичка сцена, повторно се отвора прашањето – дали тој повторно ќе се обиде да ја стави Федералната резервна банка (ФЕД) под политичка контрола? И дали актуелниот претседател на ФЕД, Џером Пауел, ќе издржи под притисокот кој Трамп е познат дека знае да го наметне?
Конфликтот меѓу Доналд Трамп и претседателот на ФЕД, Џером Пауел, не е нова приказна. Тој започна уште во 2018 година, кога Трамп тогаш актуелен претседател на САД во својот прв мандат, јавно изрази незадоволство од одлуките на ФЕД за зголемување на каматните стапки. Иако самиот го назначи Џером Пауел на функцијата, Трамп брзо го означи како „најголемата закана за економскиот раст“ и неколкупати отворено сугерираше негова смена, нешто речиси невидено во историјата на односите меѓу Белата куќа и ФЕД. Тој сметаше дека Пауел со своите политики ја забавува економијата, ги демотивира инвеститорите и ги поскапува кредитите за бизнисите и граѓаните.
Покрај монетарната политика, Трамп паралелно развива агресивен економски план со воведување на високи реципрочни царини, особено кон Кина и другите трговски партнери за кои тврди дека имаат „несправедлива предност“. Оваа политика ја претставува како начин за заштита на американските работници и индустрии, но истовремено внесува голема неизвесност на капиталните пазари. Инвеститорите се ставени пред сериозен притисок и ризик од глобални трговски војни, што ги дестабилизираше пазарите и предизвика големи флуктуации во берзанските индекси.
Со неговото враќање на политичката сцена, конфликтот со Пауел добива нова димензија, не само околу каматните стапки, туку и околу улогата на ФЕД во креирање на американската економска политика и меѓународната трговска размена. Сега, како и тогаш, Трамп ветува „економски национализам“ и е подготвен да го стави ФЕД под притисок за да ја спроведе својата визија, дури и по цена на нарушување на довербата во независноста на институцијата.
Стар конфликт, нова динамика
Во текот на својот претходен мандат, Трамп често влегуваше во отворен конфликт со Пауел, јавно го критикуваше поради „превисоките каматни стапки“ и дури навестуваше дека би го отпуштил, иако тој самиот го постави на таа функција. Според Трамп, високите каматни стапки сериозно ја кочат економијата и предизвикуваат „вештачки притисок“ врз американските инвеститори и пазарот на трудот.
Од друга страна, Џером Пауел, како гувернер на ФЕД, инсистира на независност на институцијата и на тоа дека нејзината примарна мисија е да ја контролира инфлацијата и да го одржи финансискиот систем стабилен, без разлика на политичкиот моментум.
Каматната политика во срцето на конфликтот
Сегашната ситуација е уште посложена. По период на агресивни зголемувања на каматните стапки со цел справување со инфлацијата, ФЕД внимателно сигнализира потенцијално олеснување, но без јасен распоред. Во меѓувреме, Трамп во почетните месеци од својот втор мандат како американски претседател пробува преку силен притисок да ја искористи монетарната политика како политичко оружје.
Тој повторно ја обвинува ФЕД дека „игра политички игри“ и тврди дека го одложува намалувањето на каматите за да и наштети и да ја забави економијата, нешто што беше случај и во првиот негов мандат. Во познат стил, Трамп сака брзо намалување на каматите со цел да се поттикне потрошувачката, а со тоа и економскиот раст.
Што значи ова за економијата?
Овој судир носи високи ризици со сериозни последици. Ако ФЕД попушти под политичкиот притисок, може да се наруши довербата во независноста на институцијата, нешто што е клучно за стабилноста на доларот и целата глобална економија. Од друга страна, тврдоглавоста на Пауел може да значи одржување на високи каматни стапки подолг период, затегната монетарна политика што би го забавило економскиот раст, а потенцијално би довело и до рецесија која понатаму би предизвикала зголемување на невработеноста, а тоа би довело до огромни последици врз пазарите на капитал и граѓаните.
Финансискиот пазар со едно око кон Вашингтон, со друго кон ФЕД
Инвеститорите внимателно го следат секој говор, твит или интервју, било од Трамп или од Пауел. Волстрит сака стабилност, но моменталната динамика најавува турбулентна година во која ќе се судрат политичките интереси и монетарната логика.
Во моментов пазарот на капитал се соочува со сериозен предизвик и инвеститорите се ставени под голем притисок со оглед дека берзанските индекси се во слободен пад. Вредноста на компаниите вртоглаво се намалува со секој изминат ден, но ниту Трамп, ниту Пауел не попуштаат во одбрана на својата политика.
Заклучок
Битката меѓу Доналд Трамп и Џером Пауел е многу повеќе од личен судир, таа претставува судир на две различни визии за тоа како треба да функционира една економија: политички водена, со фокус на краткорочен раст и национални приоритети, или институционално автономна, со долгорочна стабилност како крајна цел. Повторното појавување на Трамп на политичката сцена не само што ја обновува оваа стара тензија, туку и ја засилува во многу понеизвесен глобален контекст, инфлациски притисоци, геополитички тензии и зголемена недоверба кон институциите.
Неговите агресивни реципрочни царини, заедно со притисоците врз ФЕД за драстично намалување на каматите, можат да го разнишаат внимателно балансираниот економски поредок. Во исто време, доколку Пауел и ФЕД продолжат да се држат до своите цели без отстапки, ризикуваат да бидат перцепирани како институција што се оддалечила од реалните економски и политички текови.
Клучното прашање е: дали Федералните резерви ќе можат да ја задржат својата независност во време кога политиката сè повеќе навлегува во монетарната сфера? И дали американската економија, а со тоа и светските пазари, можат да издржат уште една турбулентна фаза на политички мотивирани економски интервенции?
Она што е сигурно е дека исходот од овој судир нема да влијае само на САД. Ќе се чувствува низ глобалниот финансиски систем – преку берзите, валутите, каматните стапки и одлуките на централните банки ширум светот. Во свет каде довербата е сè, ФЕД се наоѓа пред една од своите најголеми историски одговорности: да остане столб на стабилност во време на политичка бура.
Анализи
Како вештачката интелигенција влијае на банкарскиот сектор и на пазарите на капитал?

Вештачката интелигенција (AI) игра се позначајна улога во трансформацијата на банкарскиот сектор и пазарите на капитал. Иако вештачката интелигенција веќе се користи во алгоритамско тргување и следење на финансиските трансакции и трговијата, нејзиниот потенцијал се проширува, подготвувајќи ја индустријата за револуционерни промени. Таа претставува еден од најважните и најзначајни фактори за зголемување на конкурентноста во финансискиот сектор.
Автоматизација и ефикасност
Еден од најзначајните аспекти на вештачката интелигенција (AI) во банкарството е нејзината способност да се справи со предизвиците на финансиската анализа. Во минатото, банките мораа да ангажираат голем број вработени за да ги обработуваат податоците и да извршуваат соодветни анализи.
Денес, вештачката интелигенција овозможува автоматизација на овие процеси со значително намалени трошоци, што води кон зголемување на оперативниот капацитет без потреба од значителни инвестиции во човечки ресурси. Оваа технологија овозможува побрзо носење на одлуки, намалување на грешките и зголемување на ефикасноста и продуктивноста.
Промена на стратегиите во банкарството
Влијанието на вештачката интелигенција не се ограничува само на подобрување на оперативната ефикасност. Банкарскиот сектор е на работ на промена на парадигмата и се движи од перцепцијата на вештачката интелигенција како алатка за оптимизирање на тековните процеси кон целосна реорганизација на бизнис моделите базирана на нејзините можности. Водечките финансиски институции веќе имплементираат стратегии кои ја вклучуваат вештачката интелигенција како „стратешки инструмент“ во обликувањето на иднината на банкарските услуги. Ова вклучува автоматизирано управување со кредитен ризик, персонализирани финансиски решенија и напредни системи за спречување на финансиски измами.
Предизвици и ризици
И покрај значајните придобивки, имплементацијата на вештачката интелигенција носи и одредени предизвици. Клучни прашања кои треба да се решат вклучуваат:
- Етички аспекти – Како да се обезбеди фер и непристрасно носење на одлуки?
- Регулаторни барања – Како да се усогласи употребата на вештачката интелигенција со постојните закони?
- Безбедносни ризици – Како да се заштитат чувствителните податоци од злоупотреба?
Без соодветни регулаторни рамки и механизми за контрола, постои ризик од финансиски и угледни последици за банките. Затоа, институциите мора да воспостават јасни политики за етичка употреба на вештачката интелигенција и да обезбедат транспарентност во нејзината имплементација.
Заклучок
Како што вештачката интелигенција продолжува да се развива, нејзината улога во банкарството и пазарите на капитал ќе станува сè поважна. Способноста да се анализираат огромни збирки податоци, да се оптимизираат операции и да се носат информирани одлуки со невидена брзина ќе биде клучна за одредување на идните лидери во секторот.
Институциите што успешно ќе ја искористат оваа технологија не само што ќе ја зголемат нивната конкурентност и ефикасност, туку ќе постават нови стандарди и ќе се позиционираат како лидери во банкарската индустрија. Оние што нема да ја прифатат оваа промена ризикуваат да останат во сенка на своите напредни конкуренти.
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во НЛБ Банка АД Скопје
- Вработувањепред 1 месец
Оглас за вработување во Шпаркасе Банка АД Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во Стопанска банка АД – Скопје
- Банкипред 2 месеци
НОВО: Кредити од Комерцијална банка со намалени каматни стапки
- Колумнипред 1 месец
Онлајн пристапот е лесен, но дали го чуваме доволно безбеден?
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
- Вработувањепред 2 месеци
Оглас за вработување во ТТК Банка АД Скопје
- Банкипред 2 месеци
STB Pay by link – ново платежно решение за вашиот бизнис од Стопанска банка АД – Скопје