• Саше Љолес
Ракометарите на ПИК Сегед одиграа феноменален осминафинален реванш во Лигата на шампионите и успеаја да го торпедираат францускиот гигант ПСЖ со конечни 25-35, обезбедувајќи си место меѓу осумте најдобри во елитата.
„Светците“ од Париз беа во сериозен нокдаун уште по првите триесет минути и губеа со високи 11-17, па се чини дека не успеаја да се соземат од овој шок и комплетно го загубија „компасот“ во вториот дел.
Се обиде ПСЖ со сите сили да стори нешто повеќе, но Унгарците беа во одличен ритам и итаа кон голема победа на гостински терен, потврдувајќи го тоа со рутинско одржување и зголемување на предноста во вторите триесет минути.
Најдобар поединец кај победниците беше Марио Шоштариќ со седум гола, додека на спротивната страна еден погодок повеќе постигна Полјакот Камил Шипжак. За потсетување, ПСЖ на првиот меч славеше на гостински терен со 31-30.