Зеленски тврди дека 155 Кинези се борат за Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во средата дека разузнавачката служба на неговата земја има информации за 155 кинески државјани кои се борат на страната на Русија против Украина, тврдење кое Пекинг го негираше.

Зеленски им рече на новинарите во Киев дека Русија регрутира кинески граѓани преку социјалните мрежи и дека кинеските власти знаат за тоа. Украина, рече Зеленски, се обидува да утврди дали регрутите добиле инструкции од Пекинг.

Пекинг ги отфрли обвинувањата на Киев дека голем број Кинези се борат на страната на Русија во војната во Украина, велејќи дека обвинувањата се „неосновани“.

Во вторникот Зеленски пријавил заробување на двајца кинески државјани кои се бореле во источна Украина како дел од руската армија.

Тој ја обвини Кина дека воено ја поддржува Русија, која ја нападна неговата земја во февруари 2022 година, и побара „објаснување“ од Пекинг.

Кина, сепак, возвраќа дека овие тврдења се „целосно неосновани“.

„Позицијата на Кина за украинската криза е јасна и недвосмислена и како таква е призната од меѓународната заедница“, одговори портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Лин Џианг на редовната прес-конференција во средата.

Во врска со фаќањето на двајца кинески државјани, портпаролот рече дека Кина во моментов ја проверува оваа информација со украинската страна.

Тој, исто така, посочи дека кинеската влада бара од своите граѓани „да се држат настрана од областите каде што се водат вооружени конфликти, да избегнуваат да бидат вклучени во каков било вооружен конфликт, а особено да избегнуваат учество во воени операции на која било страна“.

Лиан Џианг смета дека Украина треба „да ја цени конструктивната улога на Кина во изнаоѓањето политичко решение за украинската криза“.

Кремљ одби воопшто да ги коментира украинските наводи.

Зеленски, сепак, смета дека Кина, по Иран и Северна Кореја, е третата земја која и дава воена помош на Русија.

Иако Кина го поддржува територијалниот интегритет на Украина, таа не ја осуди руската инвазија на таа земја.

Згора на тоа, од инвазијата на Украина, Пекинг не само што обезбеди силна дипломатска поддршка на Русија, туку и ја спасува економски преку трговијата со енергетски производи и стоки за широка потрошувачка.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.
spot_img

Најважното