Македонија
Наутро студено, преку денот сончево и тивко со мала локална облачност

Времето денеска, наутро студено со услови за појава на магла по одделни котлини. Преку денот сончево и тивко со мала локална облачност.
Минималната температура ќе биде во интервал од -7 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 15 степени.
Во Скопје утрото ќе биде ведро и студено со појава на утринска магла , а во текот на денот сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
До петок времето ќе биде стабилно, суво и претежно тивко, со ниски утрински температури. По котлините ќе има услови за појава на магла. Од ноќта кон сабота од запад ќе започнат врнежи кои на планините ќе бидат од снег, а во останатите предели од врнежи од дожд кои ќе преминуваат во врнежи од повремен снег. Од сабота наутро и потоа преку денот, особено долж Повардарието ќе дува засилен претежно северен ветер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев на средба со претставник на СЗО: разгледани можностите за соработка

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари средба со Аким Али, Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) во Република Македонија. На средбата беше разгледана работата на СЗО во земјата и можностите за соработка, особено во контекст на ЕУ реформите кои се во тек во областа на јавната администрација.
„Министерството за јавна администрација активно учествува во процесот на модернизација на јавниот сектор и унапредување на ефикасноста на институциите, особено во делот на управувањето со јавните услуги. Успешната реформа на јавната администрација е клучна за создавање на поефикасни и транспарентни институции, кои ќе одговоруваат на потребите на граѓаните и ќе ја поддржат европската интеграција на земјата“, потенцираше Минчев.
Аким Али ги презентираше тековните проекти и иницијативи на СЗО, нагласувајќи ја важноста на меѓународната соработка за успешно спроведување на ЕУ реформите во Република Македонија.
Средбата заврши со договор за понатамошно зајакнување на соработката, со фокус на остварување на заеднички цели и унапредување на процесите во јавната администрација.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Филипче беше фатен во „крвави тендери”, набавка вредна 35 милиони евра, тој нема кредибилитет, да си поднесе оставка

Венко Филипче беше фатен во “Крвави тендери” набавка вредна 35 милиона евра, тој нема кредибилитет, да си поднесе оставка, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Венко Филипче, вели тој, со сила го туркаше проектот за набавка на тестови и реагенси за крвни анализи вреден 35 милиони евра.
„Единствена фирма која се имаше појавено на повикот и со која Филипче беше пред склучување на договор беше АХР ЛАБ, фирма без корпоративна електронска пошта, а ќе остане запаметена по маилот жути@јаху.ком. Венко Филипче чекаше да помине револтот на јавноста за да продолжи да го турка тендерот, но силната реакција на медиумите, ВМРО-ДПМНЕ и јавноста тоа не го дозволија“.
Според него, Венко Филипче нема кредибилитет. Тој е претседател на СДС, само, како што вели, за да може некогаш повторно да дојде во позиција за да ги повтори тендерите како тој со аферата “Крвави тендери”. Манасиевски подвлекува дека Венко Филипче треба да си даде оставка.
Македонија
Вработена како референт дала зелено светло за регистрација на возило без технички и на возач со истечена лична карта, за второто била на боледување

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи до надлежното Основно јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против М. П. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
Пријавената М. П., референт за управни работи во Одделението за управни работи Куманово, на 20.12.2024 извршила продолжување на регистрацијата на приколката „тирсан“ и на патничкото возило „шеворлет калос“ и покрај тоа што не биле исполнети законски пропишаните предуслови за продолжување на регистрацијата, односно двете возила немале поминато технички преглед.
Исто така, на 27.12.2024 пријавената извршила продолжување на важноста на регистрацијата на патничко возило ‘опел корса’ и покрај тоа што подносителот на барањето не приложил важечка лична карта, односно приложил истечена лична карта, што е и еден од условите за регистрација на возило. Продолжувањето на регистрацијата М. П. го извршила во периодот кога користела боледување. Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди против М. П. поднесе предлог за поведување постапка за кршење на работниот ред и дисциплината и изрече задолжителна мерка за отстранување од работното место – суспензија до завршување на дисциплинската постапката.