Жителите на Побожје протестираат: „Мега паркот во Радишани се гради на узурпирано земјиште!“
Жителите на селото Побожје остро реагираат на изградбата на т.н. Мега парк и плоштад во Радишани, обвинувајќи дека проектот, кој го спроведува Општина Бутел под водство на градоначалникот Дарко Костовски од ДПМНЕ, се гради на нелегално узурпирано земјиште што им припаѓа на манастирскиот комплекс „Света Богородица“.
Граѓаните велат дека се подготвени да ги преземат сите правни мерки за да го заштитат овој значаен духовен и културен локалитет, кој со децении е дел од нивната историја и идентитет.
„Нашите предци се грижеле за овој манастирски комплекс, а наша должност е да го заштитиме. Нема да дозволиме на узурпирано земјиште да се гради парк под изговор на развој,“ порачуваат жителите од Побожје.
Според нив, проектот се реализира без претходна консултација со локалното население, а спорната парцела од 3.660 м², според имотен лист, припаѓа на манастирот и не смее да се користи за јавна инфраструктура без правно расчистување.
Паркот е дел од поголем проект финансиран со унгарски кредит, со најави дека ќе зафаќа површина од 10.000 м² – од кои 6.000 м² зелена површина и 4.000 м² за плоштад, детско игралиште и пешачки патеки. Според жителите, проблематично е тоа што дел од планираната површина навлегува во манастирскиот имот.
Додатен сомнеж предизвикува и информацијата дека Митрополијата (МПЦ) во октомври 2024 година ја отстапила спорната парцела на Општина Бутел, што дополнително ги разгневи жителите на Побожје.
„Бараме веднаш да се запре изградбата, да се отстрани механизацијата и да се замрзнат сите активности додека не се расчисти имотно-правниот статус,“ истакнуваат тие.
Случајот ја отвора дебатата за транспарентноста во планирањето на јавни проекти, но и за важноста од почитување на културно-религиозните локалитети при урбанистички зафати.