logo
logo
logo

Промената на начинот на кој им се обраќаме е важен чекор кон тоа да им помогнеме да успеат.

Vecer | 11.04.2025

Промената на начинот на кој им се обраќаме е важен чекор кон тоа да им помогнеме да успеат.

Сè повеќе деца имаат дијагноза синдром на нарушено внимание со хиперактивност, т.е. АДХД. Според порталот HuffPost, експертите се согласуваат дека третирањето на децата со АДХД како да се невротипични, што често е случај, може да има долгорочни негативни последици врз нив.

Промената на начинот на кој им се обраќаме е важен чекор кон тоа да им помогнеме да успеат. „Децата кои се борат со овој синдром имаат проблем со организацијата и планирањето, со управување на времето, меморијата, иницирањето задачи, импулсивното однесување и чувството на хронична досада кога се соочуваат со рутински активности“, објаснува логопедот Рајан Сутера.

Според терапевтот Кристен МекКлур, која е специјализирана за работа со деца со АДХД, позитивниот начин на обраќање може да има големо влијание врз нив. „Начинот на кој разговараме со децата станува начин на кој тие ќе разговараат со себе во иднина. Охрабрувачките и топли зборови поттикнуваат сочувство кон себе, емоционална регулација и издржливост, додека критикувањето или исмејувањето може да доведе до срам, сомнеж во себе, па дури и до депресија“, истакнува таа.

Затоа е важно да користите што повеќе позитивни фрази и реченици кога комуницирате со нив, но и да ги отстраните негативните. Еве кои негативни реченици ги истакнаа експертите за HuffPost.

„Да ти беше грижа, ќе запомнеше“

Истражувањата покажуваат дека околу 85 % од децата со АДХД имаат проблеми со работната меморија. Ова објаснува зошто детето може да има проблем да ги запомни или разбере упатствата. Заборавањето на обврските веројатно нема врска со тоа колку им е грижа.

Да му се каже на детето дека би запомнило нешто ако за тоа му е грижа е проблематично, вели Сутера. „Првенствено затоа што меморијата не функционира така кај невродивергентните поединци“. Не дека детето не може да запомни важни информации, туку можеби му требаат алатки за тоа. Тој додава дека визуелните и звучните потсетници, како што се белешките и алармите на телефонот, можат да помогнат.

„Ако се трудеше повеќе, ќе успееше“

Ваквите изјави може да направат детето да се чувствува обесхрабрено, како успехот да е недостапен. Детето со АДХД веројатно веќе се труди колку што може, а со овој израз се минимизира или целосно се отфрла тој напор како важен. Наместо тоа, препознајте ги напорите на детето: „Гледам колку напорно работиш и се гордеам со тебе“.

Ако не можат да продолжат со некоја задача, помогнете им да сфатат која е пречката и како да ја надминат. Ако пишувањето е проблем, жената психолог Мики Ли предлага да кажете: „Што велиш прво да ми ја кажеш твојата идеја, а јас да ја запишам“? Или прашајте ги дали апликацијата за претворање на гласот во текст би им помогнала.

„Застани и размисли пред да направиш нешто“

Може да биде фрустрирачки да гледате како детето постапува импулсивно и ги трпи последиците од тоа. Импулсивноста е една од причините поради која луѓето со несоодветно третиран АДХД сè почесто се склони кон несреќи. Иако звучи разумно да му се каже на дете да размисли пред да дејствува, МекКлур објаснува дека проблемите со контролата на импулсите кај АДХД се биолошки условени.

Децата со АДХД „често не можат да застанат и да размислат пред да дејствуваат - не затоа што не сакаат, туку затоа што нивниот мозок различно ги обработува информациите“, објаснува таа.

Наместо да критикувате, помогнете им да развијат вештини на начин кој им делува природно и ги охрабрува. На пример, кажете: "Гледам дека твојот мозок сега сака да работи брзо, што би ти помогнало да го успориш?" Или: „Во ред е да се чувствуваш вознемирено, ајде да најдеме начин што помага“.

„Се пријави, веќе не може да се откажеш“

Децата со АДХД можат да бидат многу ангажирани кога се заинтересирани за нешто. Ова зголемено внимание, познато како хиперфокус, може да биде огромна предност. Но, ако нешто не ги интересира, може целосно да го изгубат интересот - и тоа е во ред.

„Присилувањето на дете со АДХД да се држи до нешто што повеќе не го интересира, што не одговара на неговите можности или го преплавило, може да доведе до обесхрабрување и емоционална нерамнотежа“, објаснува МекКлур. Бидејќи мозокот со синдромот нарушено внимание и хиперактивност најдобро функционира преку ангажираност, самостојност и флексибилност, „очекувањата можат да предизвикаат стрес наместо издржливост“, додава таа.

Наместо да ги терате да истраат во нешто, поддржете ги во прилагодувањето што ќе им помогне да развијат самосвест, емоционална регулација и способност да се залагаат за сопствените потреби - кои се клучни животни вештини.

„Седи мирно“!

Да очекувате дете со АДХД да биде фокусирано без да се движи е исто како да очекувате автомобил да вози со вклучени сопирачки.

„На децата со АДХД често им е потребно движење за да се фокусираат, да ги регулираат емоциите или да обработат информации“, вели МекКлур, додавајќи: „Потиснувањето на оваа потреба може да доведе до стрес, губење на поврзаноста со сопственото тело и емоционални сломови“.

Наместо тоа, предложете му: „Гледам дека многу се движиш. Добро е да се движиш кога треба. Можеме да направиме кратка пауза и да излеземе надвор“.

Таквата активност дава резултати. Едно истражување покажа дека децата со АДХД можат да го задржат вниманието 45 -55 % подобро кога користеле играчка против стрес. Други истражувања покажуваат дека активностите како џудо ја подобруваат нивната работна меморија, пишува порталот HuffPost.

„Ако се движат, тоа е затоа што тоа им е потребно. Никогаш не ги казнувајте за тоа“, заклучува МекКлур.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk