Минималната плата во Македонија, од март изнесува нетo 24.379 денари или 36.037 денари бруто, а според статистиките на Евростат кои ги направи врз основа на пресметки заклучно со месец јануари годинава, во земјава минималната плата изнесувала 22.567 нето или 33.352 денари бруто ( 533 евра).
Ова покажува дека македонската минимална плата е за 18 евра пониска од најниската минимална плата во Европската Унија – онаа во Бугарија, каде работниците добиваат 551 евро месечно.
Според најновите податоци на Евростат кои се прават врз основа на бруто минимални плати, поточно пред да бидат наплатени даноците и социјаните придонеси кои варираат од земја до земја, по Бугарија следуваат Унгарија со минимална плата од 707 евра, Летонија со 740, Романија со 814, Словачка со 816, Чешка со 826, Естонија со 886, Малта со 961, Грција со 968, и Хрватска со 970 евра.
Во втората група се земјите со минимални плати меѓу 1.000 и 1.500 евра: Кипар (1.000 евра), Португалија (1.015), Литванија (1.038), Полска (1.091), Словенија (1.278) и Шпанија со 1.381 евра.
Највисоки минимални плати се исплаќаат во Франција (1.802 евра), Белгија (2.070), Германија (2.161), Холандија (2.193), Ирска (2.282) и Луксембург, кој предничи со минимална плата од 2.638 евра месечно.
„Разликата меѓу највисоката и најниската минимална плата во ЕУ изнесува 4,8 пати. Но, ако се земат предвид разликите во животниот стандард и цените, таа разлика е нешто помала,“ велат од Евростат.
Од вкупно 27 земји-членки на ЕУ, 22 имаат законски утврдена минимална плата. Исклучок се Данска, Италија, Австрија, Финска и Шведска, каде минималните плати се регулираат преку колективни договори.
– Минималната плата треба да расте за да го зачува животниот стандард на најранливите категории, но треба да се внимава на неколку аспекти. Прво, каков товар носи зголемувањето за работодавачите и Буџетот. Второ, како ќе влијае врз инфлацијата – особено ако растот внесе повеќе пари во економијата. Засега, цените се во опаѓање, особено кај храната, и потребна е внимателна политика за да се задржи тој тренд, изјави Марјан Петрески од „Фајнанс тинк“ на денешниот економски форум „Зајакнување на работоспособните жени“
Тој додаде дека, за разлика од умерениот раст на платите, линеарното зголемување на пензиите оди спротивно на фискалната консолидација.
– Реалниот раст на платите сè уште е позитивен, иако е понизок од минатата година. Но, зголемувањето на пензиите беше преголемо и придонесе за повисока потрошувачка, ценовни притисоци и товар врз Буџетот – заклучи Петрески.