
На Волстрит берзанските индекси благо паднаа во вторникот, губејќи дел од добивките од претходниот ден, а тргувањето беше претпазливо бидејќи инвеститорите не сакаат да преземаат премногу ризик поради неизвесноста околу царините.
Индексот Dow Jones падна за 0,38 отсто, на 40.368 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,17 отсто, на 5.396 поени, а индексот Nasdaq за 0,05 отсто, на 16.823 поени.
Индексите загубија дел од своите добивки од претходниот ден, бидејќи на пазарот и натаму владее неизвесноста околу царините и, на крајот, како ќе се одразат досега воведените царини врз американската и глобалната економија.
Аналитичарите проценуваат дека инфлацијата ќе се зголеми, додека економскиот раст ќе забави. Особено што нема знаци за олеснување на царинската војна меѓу САД и Кина.
Покрај царините, инвеститорите се фокусирани и на кварталните деловни резултати на компаниите. Но, ова се резултатите за периодот пред американскиот претседател Доналд Трамп да ги воведе царините на 2 април.
„Корпоративните приходи се прилично добри, но овој пазар е оптоварен со несигурност околу цаините и трговијата, кои се единствените двигатели на пазарот во моментов. Во ден кога нема такви двигатели, пазарот обично се сопнува, како што е случај денес“, вели Рос Мејфилд, стратег во компанијата „Baird“.
А на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна за 1,41 отсто, на 8.249 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 1,43 отсто, на 21.253 поени, а париски CAC зајакна за 0,86 отсто, на 7.335 поени.
Производителите на автомобили беа меѓу најголемите добитници, бидејќи инвеститорите беа поттикнати од најавата на Трамп дека може да ги коригира тарифите од 25 отсто за увезени автомобили и автоделови од Канада, Мексико и други делови од светот.