
54% од младите сметаат дека Македонија е целосно или делумно безбедна земја, додека 17% од нив сметаат дека оваа држава не е безбедно место за живеење, ова беше едно од прашањата кои ги анализира новиот извештај на ОБСЕ, „Перцепции, ставови и предизвици на младите во Северна Македонија“. Истражувањето дава увид во мислењата на младите во врска со нивната безбедност, искуствата со насилството и нивната улога во градењето на мирот и сигурноста во земјата.
Младите имаат различни ставови за нивото на безбедност во земјата. Просечната оцена за безбедноста е 3,4 на скала од 1 до 5, што укажува на тоа дека младите ја гледаат земјата како „нити безбедна нити небезбедна“. Ова чувство е посилно изразено кај младите од Североисточниот регион, каде 32% од испитаниците изразуваат чувство на небезбедност.
Кога станува збор за предвидувањата за иднината, 56% од младите очекуваат ситуацијата со безбедноста да остане иста во наредните пет години, додека 27% сметаат дека состојбата ќе се влоши.
Насилството е присутно меѓу младите, со 59% од испитаниците кои изјавуваат дека насилството е „целосно присутно“ или „донекаде присутно“. Ова насилство најчесто се манифестира во форма на вербално и физичко насилство. Речиси секој петти млад човек (18%) доживеал или бил сведок на насилство, а ова искуство е посилно изразено кај младите жени, особено кога станува збор за сексуално насилство.
Главните фактори кои придонесуваат за насилничко однесување кај младите се чувството на неправда (40%), разочарувањето од социјалниот статус (39%) и недостатокот на семејна поддршка (34%). Недостатокот на институционална поддршка исто така е важен фактор, кој го спомнуваат 33% од испитаниците.
Дискриминацијата врз основа на етничка припадност е идентификувана како најчеста причина за дискриминација, при што 31% од испитаниците ја наведуваат етничката припадност како прв основ за дискриминација. Понатаму, економскиот статус (21%) и политичката припадност (17%) се исто така значајни фактори на дискриминација.
94% од испитаниците не доживеале директно сајбернасилство, 42% од младите изјавуваат дека се чувствуваат „безбедно“ или „целосно безбедно“ кога користат интернет, додека 20% се чувствуваат небезбедно. Сајбермалтретирањето најчесто се случува на социјалните мрежи како „Фејсбук“ (51%), „Инстаграм“ (19%), и преку апликации за инстант пораки како „Вибер“ и „WhatsApp“ (23%).
Една од најважните теми на истражувањето е улогата на младите во мировните процеси. Само 26% од младите го разбираат концептот на градење мир, а 87% од нив не се свесни за активностите на властите поврзани со мирот и безбедноста. Сепак, мнозинството млади (49%) ги сметаат граѓанските организации за најважни чинители во градењето на мирот, додека државните институции и граѓаните ги следат со малку помал процент.
Истражувањето на ОБСЕ ја истакнува потребата од поголемо вклучување на младите во процесите на донесување одлуки на локално и национално ниво. Дополнително, препорачува развивање на специфични образовни програми кои ќе ги опремат младите со знаења и вештини за справување со сајбермалтретирањето и насилството.