На денешен ден е роден предводникот на поп артот - Енди Ворхол

6 август 2024

На денешен ден, 6ти август 1928 година е роден Енди Ворхол, американски сликар, режисер, издавач и водечка фигура во поп арт културата. Тој се стекна со популарност во раните 50-ти години од минатиот век, кога почна да добива меѓународни признанија за својата страст спрема уметноста. 

Ворхол уште во своите рани години покажува уметнички талент, а подоцна запишува студии за комерцијална уметност на Карнегиевиот институт за технологија во својот роден Питсбург. По дипломирањето во 1949 год., се сели во Њујорк и започнува успешна кариера како илустратор за магазини, а почнува да работи и на реклами. 

Тој е претежно познат по неговите уметнички дела кои имаат поврзаност на уметничкиот израз и културата на славните која процвета во 1960-тите. Негова голема инспирација се познати личности како Мерилин Монро. Во почетоците на 60-тите години, почнува да прави цртежи на познати американски производи како Campbell's конзервите супа и Кока-Кола. Постепено се префрла на печатени цртежи, обидувајќи се не само да прави дела од масовно произведени продукти, туку воопшто, самиот тој масовно да произведува уметност. Ворхол вработува „уметнички работници" ангажирани во правење на слики, чевли, филмови и друго во неговото студио, познато како „Фабриката".

Енди Ворхол бил и колекционер на разни уметнички дела и чудни предмети, вклучувајќи сувенири од Кока-Кола, неплатени фактури, стари поштенски марки, тегли за колачиња итн. Тој ги чувал овие негови колекционерски парчиња во неговата куќа во Њујорк. Всушност, луѓето не ја сфатија вистинската големина на неговото колекционерство сѐ до неговата смрт кога 641 кутија биле доставени до музејот "Енди Ворхол" каде што сега се изложени многу од тие предмети. Умира на 58 годишна возраст како последица на проблеми со срцето.

Енди Ворхол е истакнат мултимедијален артист и познат е и по многу филмски и музички остварувања, како и значајни придонеси во областа на театарот, телевизијата, модата, литературата итн.

Фото: Getty Images, Pinterest

 

 

 

Објавено:
6 август 2024
Категорија: 
Култура
Тагови: 
Енди Ворхол