Преку договор со САД за слободна трговија до избегнување на високите царински стапки од САД

Економистите и експертите од областа на меѓународната трговија со неколку сценарија по воведувањето на таксите и царините од страна на САД. Негативните ефекти се неизбежни, само прашање е колку ќе биде штетата врз македонската економија.  

Економистот Зоран Јовановски смета дека  во овој случај најдобро е да се примени стабилно и долгорочно одржливо решение. А тоа значи склучување на спогодба за слободна трговија со САД. Тој вели,  започнати се  активности на таа тема, а во игра било и вклучување во стратешкото партнерство. 

- По правило, процедурата околу склучување на ваков договор трае малку подолго, но може да се насети оптимизам кај претставниците на Владата во однос на успешноста на исходот. Во меѓувреме, може да се испита целисходноста на постојните царински стапки и други давачки што земјава ги применува за увоз на американски производи на нашиот пазар. - Зоран Јовановски „Економија и Бизнис“.

Со свој став излегоа и од Институтот за економски анализи Finance Think. Експертите од овој институт велат дека нашата трговија со САД е ограничена, главно поради географската оддалеченост. Од таа гледна точка, директните ефекти од зголемените царини ќе бидат многу мали, сметаат економистите. Додаваат дека вкупниот директен притисок од американските царини за македонскиот извоз е многу мал, поголем дел од него ќе падне врз работата на странските фабрики во земјава. 

„Согласно на структурата и поставеноста на нашата економија во однос на трговските и финансиските текови на глобално ниво, се очекува  ефектот од новововедените царини од САД кон Северна Македонија ќе биде негативен, но главно индиректен. Тоа имплицира дека тој нема да се почувствува веднаш.“ - Finance Think.

Дека се преговара за слободна трговија помежу земјава и САД потврда даде и заменик министерот за надворешна политика и трговија Зоран Димитровски.

„Ние ќе се обидеме тоа да го промениме, и да нема никаква царина, помеѓу нашите две стопанства, односно да склучиме договор за слободна трговија.“ - Зоран Димитровски.

Македонија е една од 180те држави на која САД и воведе повисоки царини. Производите кои ќе се увезуваат во најмоќната светска држава ќе бидат царинети со плус 33 отсто од тоа што досега било. Вредноста на директниот извоз од земјава во Америка е околу 110 милиони евра и тоа е многу малку во однос на индиректната трговија која Македонија ја има со САД, а која се случува со помош на државите од западна Европа со кои што соработуваме како бизнис партнери. Тука економистите очекуваат многу поголеми загуби доколку работите не се променат.