Сарамаков требало да земе 50.000 евра за оддавање на службени документи

Членот на обезбедувањето на премиерот Христијан Мицкоски, Ангел Сарамаков, кој заврши во притвор, требало да добие 50.000 евра за да открие доверливи документи. Обвинителството соопшти дека тој е осомничен за „оддавање службена тајна“, за што му е одреден 30-дневен притвор.

Според Обвинителството за организиран криминал и корупција, осомничениот, кој бил самостоен инспектор во Единицата за лично обезбедување на премиерот, на 30 март се сретнал со сведок во Велес и му покажал службени документи од МВР. Обвинителството истакнува дека Сарамаков му дозволил на сведокот да ги снима документите, објаснувајќи му нивната содржина, а неговата цел била да заработи 50.000 евра.

„Ценејќи ги околностите, јавниот обвинител утврди дека се исполнети условите, па на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му предложи на осомничениот да му определи мерка притвор во траење од 30 дена, кој предлог беше прифатен од судот“, соопштија од Обвинителството.

За кривичното дело „оддавање службена тајна“, според член 360 од Кривичниот законик, предвидена е затворска казна од една до 20 години.

Обвинителството нагласи дека случајот не е поврзан со групата од Грчец.